Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека шведското претседателство со Европската унија ќе биде од клучно значење за зачувување на единството на ЕУ во поддршка за Украина.
Таа на Твитер напиша дека Шведска го презеде претседавањето со Советот на ЕУ во клучен момент.
– Можете да сметате на мене дека ќе се залагам за вашите амбициозни цели за нашата Унија – нагласи Фон дер Лејен.
Шведска од вчера го презеде претседавањето со Советот на ЕУ од Чешка.
Шведска е членка на ЕУ од 1995 година и ова е трето претседавање на земјата по 2001 и 2009 година.
Земјите-членки на ЕУ претседаваат со Советот на ЕУ на секои шест месеци и за тоа време претседаваат со состаноци на сите нивоа во Советот, кој заедно со Европскиот парламент е законодавно тело на ЕУ.
Во програмата на своето претседателство, под слоганот „Позелено, побезбедно и послободно“, шведската влада постави четири приоритети: безбедност и единство, конкурентност, зелена и енергетска транзиција и демократски вредности и владеење на правото.