Претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен побара објаснувања од украинскиот претседател Володимир Зеленски, по донесувањето на законот за антикорупциски структури што предизвика бран протести во Украина.
Урсула фон дер Лајен „изрази сериозна загриженост поради последиците“ од законот, кој ја укинува независноста на антикорупциските тела, и „побара објаснувања од украинската влада“ – изјави денеска неименуван портпарол на ЕК.
Како што пренесе Бета, тој нагласил дека почитувањето на владеењето на правото и борбата против корупцијата се во сржта на европскиот проект.
– Како земја кандидат, од Украина се очекува целосно да ги почитува овие стандарди. Не може да има компромиси – рече портпаролот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера го потпиша контроверзниот закон, со кој се укинува независноста на агенциите за борба против корупцијата.
Неколку стотици демонстранти синоќа излегоа на улиците на Киев и други поголеми градови, за да го изразат своето незадоволство.
Сојузниците на Украина, како и невладините организации во земјата, изразија загриженост.
ЕУ вчера веќе изрази загриженост. Европската комесарка за проширување на ЕУ, Марта Кос, тоа го оцени како сериозен чекор наназад за Украина во борбата против корупцијата.
– Ограничувањето на независноста на агенциите за борба против корупцијата го попречува патот на Украина кон ЕУ – изјави денеска и германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул.