Претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен, беше меѓу првите европски лидери кои му упатија честитка на Петер Маѓар по неговата изборна победа во Унгарија.
– Унгарија ја одбра Европа. А Европа секогаш ја одбираше Унгарија. Земјата се врати на европскиот пат. Унијата стана посилна. Европското срце денеска чука посилно во Унгарија – напиша синоќа Фон дер Лајен на социјалните мрежи, обраќајќи се на унгарски јазик.
Изборниот резултат доаѓа по години затегнати односи меѓу Брисел и досегашната влада предводена од Виктор Орбан. Европските институции во повеќе наврати ја критикуваа неговата политика, особено во делот на владеење на правото и миграциската политика.
Во изминатиот период, ЕУ задржа дел од средствата наменети за Унгарија и воведе финансиски санкции, вклучително и дневни казни поради одбивањето на Будимпешта да прифати распределба на мигранти.
Од друга страна, Орбан возврати со блокирање на одредени одлуки на Унијата, меѓу кои и финансиската поддршка за Украина, што дополнително ги продлабочи несогласувањата.
Политичките тензии меѓу Брисел и Будимпешта беа тема и на меѓународно ниво, при што европските позиции беа предмет на критики и од дел од американските власти.
Со победата на Маѓар, се очекува нова фаза во односите меѓу Унгарија и Европската унија, со можност за деблокирање на клучни процеси и обновување на соработката.
































