Инаугуративната миса на папата Лав XIV во Рим искористена за низа државнички средби на највисоко ниво
На инаугуративната миса на папата Лав XIV во Рим, викендов се сретнаа и разговараа американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Во разговорот учествувала и италијанската премиерка Џорџија Мелони. Тежиштето на разговорот беше „омекнување на трговската војна меѓу ЕУ и САД и помагање во унапредувањето на трговските преговори меѓу ЕУ и САД“.
– Европа е важен сојузник на Соединетите Американски Држави… но, секако, имаме некои несогласувања, како што понекогаш имаат пријателите, за прашања како што е трговијата – рече Венс, седејќи покрај Фон дер Лајен и Мелони во Рим.
– Мислам дека ќе имаме одличен разговор и се надевам дека тоа е почеток на долгорочни трговски преговори и долгорочни трговски придобивки меѓу Европа и САД – додаде Венс, по што светските медиуми известија за израз на политичка волја на Вашингтон да направи исчекор за надминување на тековниот трговски спор меѓу САД и ЕУ.
Од друга страна, претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, изјави дека „трговските односи меѓу Европската Унија и САД се најголеми во светот и вредат повеќе од 1,5 трилион долари годишно“. Таа потсети дека Вашингтон и Брисел веќе размениле документи за преговори во кои се наведени различни области за идна дискусија.
– Важно е што сега, откако разменивме документи, нашите експерти истражуваат и детално ги дискутираат деталите. Сите знаат дека ѓаволот е во деталите, но она што нè обединува е тоа што на крајот сакаме да постигнеме добар договор заедно за двете страни – изјави за јавноста во врска со контактот со потпретседателот на САД, Урсула фон дер Лајен.
Покрај разговорот за царините, претседателката на Европската комисија рече дека сака понатаму да „разговара со Венс и за Украина и трошоците за одбрана“.
За потсетување, Фон дер Лајен не успеа да одржи формална средба со американскиот претседател Доналд Трамп откако тој повторно ја презеде претседателската функција во јануари, разменувајќи само кратки зборови на погребот на папата Франциск минатиот месец во Ватикан. А, имено, Белата куќа воведе царини од 25 отсто за увоз на челик, алуминиум и автомобили, како и основна царина од 10 отсто речиси за сите земји, со дополнителни реципрочни царини – вкупно 20 отсто во случајот со ЕУ – предвидени доколку преговорите не успеат за време на 90-дневната пауза. Р.С.