Проблеми за Киев при технологиите за производство на ракетата со долг дострел
Производството на украинската ракета со долг дострел „фламинго“ се соочува со технички тешкотии и доцнења во финансирањето, изјави во јавноста украинскиот претседател Володимир Зеленски, додавајќи дека нарачката ќе биде готова за неколку недели.
Зеленски во август првпат објави дека развојот на „фламингото“ е во тек, претставувајќи го проектот како прва крстосувачка ракета со долг дострел во Украина, за која тврди дека има домет до три илјади километри. Сепак, некои аналитичари ја забележаа нејзината голема сличност со системот „ФП-5“ што британско-американската компанија „Милионион груп“ го претстави претходно годинава на саемот за оружје во Абу Даби.
Во интервју за „Ти-ес-ен“ во неделата, Зеленски призна дека „постоел технолошки проблем во производството на фламинго“, додавајќи дека „има доцнење во финансирањето од партнерите, кое се решава“. Сепак, тој тврдеше дека нарачката за ракетите „ќе биде целосно исполнета до крајот на годината“.
Пријавениот дострел на „фламинго“ значи дека ракетите потенцијално би можеле да стигнат до Москва доколку бидат лансирани од Украина, а Зеленски претходно се закани со напади што би резултирале со прекини на електричната енергија во пограничните региони на Русија и во самиот руски главен град.
Руските медиуми објавија дека воздушната одбрана на Москва го пресретнала „фламинго“, кој се движел со релативно мала брзина, додавајќи дека се чини оти има мотор од советската ера и многу делови од кинеско потекло.
Претходните медиумски извештаи сугерираа дека горивото за „фламинго“ ќе се произведува во Данска. Според радиодифузерот ДР, објектот на југот од земјата е во сопственост на ФПРТ, подружница на украинската компанија „Фајер поинт“, која ја разви ракетата. Сепак, компанијата претходно се соочи со антикорупциска истрага поради наводи за заблуда на владата во врска со цените и времето на испорака.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека ракетите „фламинго“ биле „наменети да удираат длабоко во Русија“, обвинувајќи ја Данска дека е еден од спонзорите на, како што кажа таа, „терористичкиот режим во Киев“. С.Р.
 
             
		

































