Стратегијата на „декапитација“ (обезглавување на иранските лидери) од страна на САД и Израел продолжува
- Смртта на секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Лариџани, потврдена од државните медиуми, доаѓа во услови на поширока кампања во која повеќемина високи ирански функционери и команданти беа убиени во рок од неколку недели. Овој модел укажува на постојан напор за ослабување на лидерската структура на Иран за време на војна. Израел тврди дека е убиен и шефот на воениот кабинет на врховниот лидер, Мохамад Ширази, како и дека физички е ликвидиран шефот на иранското разузнавање, Исмаил Хатиб
Убиството на шефот за безбедност на Иран, Али Лариџани, во израелски воздушен напад, во критичен миг ја остави Исламската Република Иран без еден од најискусните и највлијателни креатори на политики, бидејќи тој се сметаше за централна фигура во обликувањето на стратешките одлуки на Иран.
Како секретар на Врховниот совет за национална безбедност и де факто државен лидер, Лариџани беше во средиштето на носење одлуки за војната, дипломатијата и националната безбедност. А неговиот глас имаше тежина низ целиот систем, особено во управувањето со конфронтацијата на Иран со САД и Израел. Експертите затоа велат дека убиството на Лариџани би можело да ги комплицира сите идни напори за завршување на воениот конфликт.
Симбол на иранската власт со тврдокорен став кон Западот
На 67-годишна возраст, Лариџани стана видлив симбол на иранската власт и нејзиниот континуитет, при што учествуваше и на јавен митинг во Техеран минатата недела, и покрај тоа што беше главна цел на Израел од почетокот на конфликтот. По убиството на врховниот лидер Али Хамнеи на 28 февруари, Лариџани имаше пркосен тон, сигнализирајќи дека Иран е подготвен за долг конфликт.
И покрај неговиот тврдокорен став против Западот, Лариџани често беше опишуван во Иран како прагматичар што ја комбинира идеолошката лојалност со технократски пристап, фаворизирајќи пресметана стратегија пред реторика. Тој остана длабоко скептичен во однос на ангажманот со западните сили, но беше вклучен и во важните дипломатски напори на Исламската Република Иран, вклучително и дејствувајќи како пратеник во долгорочниот договор за соработка на Иран со Кина.
Три големи кризи остануваат нерешени
Во времето на неговата смрт, Лариџани беше задолжен за справување со три големи кризи.
Првата беше самата војна. Тој тврдеше дека Иран треба да се подготви за продолжена борба и да го прошири конфликтот низ целиот регион и пошироко, вклучително и затворање на Ормускиот Теснец.
Втората беше бранот домашни немири, кои почнаа со економски поплаки, но брзо се претворија во пошироки протести со кои се бараше соборување на Исламската Република Иран. Во внатрешниот судир меѓу власта и демонстрантите загинаа илјадници низ целата земја.
Третата криза беше поврзана со нуклеарната програма на Иран и застојот на индиректните преговори со Вашингтон, кои веќе беа прекинати од воени напади.
Неговото отстранување ги остава овие прашања нерешени и ги префрла на сè уште непознат наследник, кој се соочува со исклучително кревка ситуација.

Моќта се префрла кон иранската армија?
Неговата смрт, потврдена од државните медиуми, доаѓа во услови на поширока кампања во која повеќемина високи ирански функционери и команданти беа убиени во рок од неколку недели. Овој модел укажува на постојан напор за ослабување на лидерската структура на Иран за време на војна.
Ова може дополнително да ја префрли моќта кон армијата. Неодамнешните забелешки на претседателот Масуд Пезешкијан сугерираат дека единиците на вооружените сили ефикасно добиле широки овластувања да дејствуваат доколку вишото раководство е неспособно. Во пракса, тоа би можело да значи дека одлуките ќе се донесуваат побрзо, но со помала централна координација.
Иако Иран покажа отпорност, делумно со нарушување на глобалните енергетски пазари, неговиот воздушен простор останува отворен за континуирани напади. Секој нареден функционер ќе се соочи со непосреден ризик да биде цел. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека убиството на Лариџани нема да влијае врз стабилноста на Иран, односно дека политичкиот систем во земјата е цврст и отпорен. Р.С.
































