Еден ден по официјалниот прием во НАТО, Финска денеска објави дека одобрила купување на нов ракетен одбранбен систем од Израел, јави ДПА.
Според проценката на финското Министерство за одбрана, системот за противвоздушна одбрана познат како „Давидова прачка“ (David’s Sling) чини вкупно околу 316 милиони евра. Тој е произведен од израелската одбранбена компанија „Рафаел“ и се очекува значително да го прошири опсегот на копнената противвоздушна одбрана на Финска.
„Давидова прачка“, наречена и „Волшебно стапче“, е систем развиен од Израел во соработка со САД. За продажбата на системот на Финска потребно е одобрение и од американската влада, соопшти Министерството во Хелсинки.
Финска вчера и официјално стана триесет и првата членка на НАТО. Скандинавската земја поднесе барање за приклучување кон Алијансата во мај 2022 година како директна последица на целосната инвазија на Русија на Украина.