„Европол“ соопшти дека е разбиена меѓународна криминална мрежа која профитирала од трговија со кокаин и служела како канал за перење пари за италијанските мафијашки организации Камора и Ндрангета, пренесе МИА.
Мрежата функционирала преку фиктивни компании, лажни фактури и луксузни инвестиции, со што милиони евра од трговијата со кокаин биле проневерени и реинвестирани во европската економија.
Истрагата ја водела француската национална жандармерија во соработка со италијанските карабинери и швајцарската федерална полиција, а биле вклучени и белгиската федерална судска полиција, бугарската Државна агенција за национална безбедност, германската царина и еквадорската Национална полиција. Сите активности биле координирани од „Европол“ и „Евроџаст“.
Преку следење на финансиските текови, истражителите идентификувале црногорски државјанин кој бил високо рангиран на списокот на осомничени на „Европол“ и предмет на потрага во повеќе европски земји. Тој живеел во областа Кан во Франција заедно со семејството, а неговиот зет бил веќе познат на италијанските власти за перење пари, измами и кривични дела поврзани со оружје.
Финансиската истрага открила дека мрежата била директно поврзана со голем трговски пат за кокаин од Јужна Америка кон Европа. Се сомнева дека групата координирала поморски пратки кон клучни европски пристаништа. Заплена на голема количина кокаин од белгиските царински служби кон крајот на 2025 година била пресвртна точка во разоткривањето.
Пред три дена била спроведена координирана акција во Франција, Италија, Белгија и Швајцарија, при што биле уапсени седум лица, меѓу нив и осомничениот од Црна Гора. На Француската ривиера биле запленети луксузни автомобили и имот вреден над пет милиони евра, вклучувајќи недвижности.
„Евроџаст“ во 2024 година формирал Заеднички истражен тим со Франција, Италија и Швајцарија, што овозможило тесна судска координација и размена на информации. Преку „Европол“, во истрагата се приклучиле и Белгија, Германија и Еквадор.
































