Европа целосно го поддржува мировниот план договорен од САД, Катар, Египет и Турција, а денешното финализирањето на договорот во Шарм ел Шеик со кој се става крај на војната ќе претставува историска пресвртница – порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во пресрет на потпишување на договорот за прекин на војната во Газа.
– Подготвени сме да придонесеме за негов успех со сите алатки што ни се на располагање, а особено со обезбедување поддршка за управувањето и за реформата на Палестинската автономна управа. Ќе бидеме активна сила во рамките на Палестинската донаторска група и ќе обезбедиме средства од ЕУ за обнова на Газа – наведе Фон дер Лајен во објава на „Икс“.
Според неа, дополнително, ослободувањето на израелските заложници од страна на Хамас претставува момент на голема радост за нивните семејства и на олеснување за целиот свет.
– Тоа значи дека може да се сврти нова страница. Може да започне ново поглавје – додаде Фон дер Лајен.
Во египетското одморалиште Шарм ел Шеик попладнево ќе се одржи Мировен самит за Газа и иднината на регионот на Блискиот Исток, со кој ќе претседаваат претседателите на Египет и на САД, Абдел Фатах ел-Сиси и Доналд Трамп. На Самитот на кој е најавено присуство на над 20 светски лидери ќе биде потпишан и договорот за ставање крај на војната во Газа од страна на Трамп и претставници на останатите посредници.