Фото: Официјален фејсбук профил

Транспортот на нафта преку Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ) ќе биде петпати поскап за Словачка во споредба со испораките преку нафтоводот „Дружба“, кој веќе повеќе од две недели нема проток на нафта, изјави словачкиот премиер Роберт Фицо по владината седница одржана со претставници на рафинеријата „Словнафт“, пренесе „Ројтерс“.

На состанокот, словачката Влада прогласи вонредна состојба во врска со испораките на нафта и донесе одлука да ѝ обезбеди на рафинеријата 250.000 тони нафта од државните материјални резерви.

Фицо посочи дека ЈАНАФ не е целосно тестиран во однос на капацитетот, а транзитните трошоци преку Хрватска се значително повисоки. Додека досега се плаќала такса од нешто повеќе од едно евро по тон на 100 километри, преку ЈАНАФ таа изнесува повеќе од пет евра, што, според него, значи петкратно зголемување на трошоците за транспорт кон Австрија, Унгарија и Словачка.

Тој предупреди дека доколку украинскиот претседател Володимир Зеленски целосно го запре протокот на нафта преку Украина, Словачка ќе се соочи со повисоки цени и дополнителни царински давачки. Фицо изјави дека нафтата која се наоѓа во делот од цевководот на украинска територија е сопственост на „Словнафт“.

Премиерот изрази сомнеж дека прекинот на протокот на руска нафта преку „Дружба“ кон Унгарија и Словачка има политичка позадина. Според него, оштетениот дел од цевководот што го посочиле украинските власти е веќе поправен и технички нема пречки нафтата да продолжи да тече.

Фицо оцени дека ситуацијата може да се поврзе и со унгарските избори, наведувајќи дека станува збор за притисок врз премиерот Виктор Орбан, имајќи ја предвид позицијата на унгарската влада во однос на можноста за членство на Украина во Европската Унија.