Прелиминарна истрага на Европската комисија утврдила дека Фејсбук, Инстраграм и ТикТок го прекршиле Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА) со тоа што не ја исполниле својата обврска да им овозможат на истражните органи соодветен пристап до јавни податоци.
Дополнително, Комисијата заклучи и дека Инстаграм и Фејсбук ги прекршиле и своите обврски да им обезбедат на корисниците едноставни механизми за известување за илегални содржини, како и да им овозможат „ефикасно оспорување на одлуките за отстранување на содржини“.
– Прелиминарните наоди покажуваат дека Фејсбук, Инстаграм и ТикТок можеби воспоставиле сложени процедури и алатки за истражните органи при барањето пристап до јавни податоци. Ова често ги остава со делумни или несигурни податоци, што влијае на нивната способност да спроведуваат истражувања, како на пример дали корисниците, вклучително и малолетниците, се изложени на илегална или штетна содржина – соопшти денеска Европската комисија.
ЕК посочува дека овозможувањето пристап на истражните органи до податоците на платформите е суштинска обврска за транспарентност од ДСА, бидејќи со тоа се обезбедува јавен надзор врз нивното потенцијално влијание врз физичкото и менталното здравје на корисниците.
Прелиминарната истрага утврдила и дека Фејсбук и Инстаграм не обезбедуваат едноставен и лесно достапен механизам преку кој корисниците би можеле да пријавуваат илегални содржини, како што се материјали за сексуална злоупотреба на деца или терористички наративи.
– Се чини дека механизмите што моментално ги применува Мета имаат неколку непотребни чекори и дополнителни барања за корисниците. Покрај тоа, се чини дека и Фејсбук и Инстаграм користат таканаречени „мрачни шеми“ или „измамнички дизајни“ кога станува збор за механизмите за известување и пријавување – се наведува во соопштението.
Според Комисијата, ваквите практики можат да бидат „збунувачки и обесхрабрувачки“ и со тоа механизмите за посочување и отстранување на илегална содржина може да бидат неефикасни. ЕК додава дека онлајн платформите не се ослободени од одговорност во случаи кога не дејствувале брзо откако биле информирани за присуство на илегална содржина на нивните услуги.
Во соопштението се посочува дека ДСА им дава право на корисниците да ги оспоруваат одлуките на платформите за отстранување на нивна содржина или суспендирање на нивните налози или профили.
– Во оваа фаза, механизмите за жалби по одлуките и на Фејсбук и на Инстаграм не им овозможуваат на корисниците да дадат објаснувања или дополнителни докази за да ги потврдат своите жалби. Ова им отежнува на корисниците дополнително да објаснат зошто не се согласуваат со одлуката за содржината, со што се ограничува ефикасноста на механизмот за жалби – нагласува ЕК, додавајќи дека ова се прелиминарни наоди кои не го прејудицираат конечниот исход на истрагата.
Доколку прелиминарните оценки се потврдат на крајот на истрагата, Комисијата може да им изрече парични казни на социјалните мрежи во износ од шест отсто од нивниот вкупен годишен промет на глобално ниво, како и да изрекува периодични казни со цел да ги принуди да се усогласат со ДСА.
Фејсбук, Инстаграм и ТикТок сега имаат можност писмено да одговорат на прелиминарните наоди на Комисијата и да преземат мерки за отстранување на прекршувањата.




































