Џејмс Брајан Коми Џуниор / Фото: ЕПА

САД

Реномираниот американски медиум „Фокс њуз“ деновиве објави дека Федералното истражно биро (ФБИ) започнало истрага против поранешниот директор на ЦИА, Џон Бренан, и поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми. Како што се наведува во информацијата, истрагите се спроведуваат поради наводни „нерегуларности поврзани со минатите владини истраги за тврдењата за руско мешање во изборите на САД во 2016 година, на кои претседателот Доналд Трамп ја победи поранешната државна секретарка Хилари Клинтон“. ФБИ, ЦИА и Министерството за правда не ги коментираа обвинувањата.
Медиумот тврди дека „истрагата не мора нужно да резултира со обвиненија“.
„Фокс њуз“ соопшти дека нивните извори се од Министерството за правда, но не го прецизира бројот на извори, ниту ги идентификува.

Претседателот на САД со години се противи на истрагата

Џејмс Брајан Коми Џуниор го водеше ФБИ во моментот кога американските власти во 2016 година започнаа истрага за „потенцијална координација меѓу кампањата на Трамп и руската влада за влијание врз изборите во САД“.
Наредната 2017 година, Трамп на почетокот на својот прв мандат го разреши Коми од местото директор на ФБИ, откако Коми јавно потврди дека „Трамп е под истрага“.
Истрагата потоа ја презеде поранешниот специјален советник Роберт Милер, кој гонеше неколку соработници на Трамп, но тој не пронајде докази за „заговор на Трамп и Русија во 2016 година, а во врска со кампањата на Трамп“.
За потсетување, Трамп со години се противи на истрагата и постојано ја отфрла како „измама“. Москва исто така негира каква било вмешаност.
Извештај на ЦИА објавен минатата недела пронајде „недостатоци во процената на американската разузнавачка заедница за руското мешање во изборите во 2016 година“, но не го оспори нејзиниот заклучок дека „рускиот претседател Владимир Путин се обидел да ги наведе гласовите во корист на Трамп“. Р.С.


Кој е поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Брајан Коми Џуниор?

Џејмс Брајан Коми Џуниор (роден на 14 декември 1960 година) е американски адвокат, кој беше седми директор на Федералното истражно биро (ФБИ) од 2013 година до неговото отпуштање во мај 2017 година. Коми беше републиканец во поголемиот дел од својот живот, но во 2016 година изјави дека не е веќе поврзан со нив. За време на претседателската администрација на Џорџ В. Буш, Коми беше американски обвинител за Јужниот округ на Њујорк од јануари 2002 година до декември 2003 година, а подоцна заменик-генерален обвинител на Соединетите Американски Држави од декември 2003 година до август 2005 година. Во август 2005 година Коми го напушти Министерството за правда на САД (DOJ) за да стане виш потпретседател на „Локхид Мартин“ како генерален советник. Во 2010 година тој стана генерален советник во „Бриџвотер асошиејтс“. На почетокот на 2013 година тој го напушти „Бриџвотер“ за да стане виш истражувачки научник и соработник на Хертог за национално безбедносно право на Правниот факултет во Колумбија. Тој беше член на одборот на директори на „ХСБЦ холдингс“ до јули 2013 година. Во септември 2013 година Барак Обама го назначи Коми на позицијата директор на ФБИ. Во тоа својство беше одговорен за надгледување на истрагата на ФБИ за контроверзноста со е-поштата на Хилари Клинтон. Неговата улога во претседателските избори во САД во 2016 година беше многу контроверзна. Некои аналитичари тврдат дека неговите одлуки непосредно пред изборите во 2016 година можеби ја чинеле Хилари да ја загуби претседателската трка, особено со неговата одлука повторно да ја отвори истрагата за нејзините е-пошти помалку од две недели пред изборите. На 14 јуни 2018 година генералниот инспектор на Министерството за правда, Мајкл Е. Хоровиц, го објави својот извештај за начинот на кој ФБИ ја водеше истрагата за е-поштата на Хилари Клинтон, во кој ги критикуваше постапките на Коми за време на изборите во 2016 година. Доналд Трамп го отпушти Коми на 9 мај 2017 година. Изјавите од Трамп и Белата куќа сугерираа дека Коми бил отпуштен „за да се намали притисокот под кој бил Трамп“. Но, потоа, Коми договорил со свој пријател да му открие на печатот документ – „Меморандум“ што Коми го напишал по (приватната) средба со претседателот на 14 февруари 2017 година. Во документот се наведува дека „Трамп го замолил да ја прекине истрагата на ФБИ за Мајкл Флин, поранешниот советник за национална безбедност“.
Горенаведениот Мајкл Е. Хоровиц изјави дека „Коми ја прекршил политиката на ФБИ во врска со протечените меморандуми“. Но, сепак, тој додаде дека „нема докази дека Коми или неговите адвокати објавиле некоја од класифицираните информации содржани во некој од меморандумите до членовите на медиумите“. Министерството за правда одби да го гони Коми. Во август 2019 година Канцеларијата на генералниот инспектор откри дека задржувањето, ракувањето и ширењето на меморандумите од страна на Коми ги прекршува политиките на Министерството за правда, политиките на ФБИ и неговиот договор за вработување во ФБИ. Во декември 2019 година Хоровиц објави извештај во кој не е утврдена политичка пристрасност против Трамп од страна на Коми или други службеници на ФБИ. Р.С.