FBI
Фото: ЕПА

Федералното биро за истраги (ФБИ) на САД ја обвинило Русинката Нома Зарубина за шпионажа и замешаност со руските разузнавачки служби, јави денеска Гласот на Америка.
Според ФБИ, Зарубина соработувала со руските разузнавачки служби уште од 2020 година, кога, како што се тврди, била регрутирана од страна на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ, наследничка на КГБ) и добила кодно име „Алиса“.

Според зададеите задачи од разузнавачката служба, таа правела и негувала контакти во САД со новинари, воени лица, вработени во аналитички центри и универзитетски професори кои ја проучувале Русија, со цел да ги убеди во „руската перспектива за ситуацијата“. За таа цел, Зарубина одела на панел-дискусии и семинари за активисти во Европа и САД.

Во случајот на Зарубина се споменува и дека од 2016 година нејзина менторка била Елена Бренсон, раководителка на Координацискиот совет на организации на руски сонародници во САД, која во 2022 година беше обвинета од ФБИ за нелегална работа како агент на руските власти.

Додека трае судењето, Зарубина е ослободена со кауција од 25.000 долари, со забрана да го напушта Њујорк. Одземен ѝ е пасошот и ограничен контактот со руски официјални лица, дознава Гласот на Америка.

Соработникот на Алексеј Навални, Леонид Волков, изјави дека тој ја видел Зарубина на средба со поддржувачи во јануари 2023 година во Вашингтон. „[Зарубина] дојде на средбата меѓу првите и зазеде едно од најдобрите места, но целата средба ја помина на телефонот и воопшто не покажа интерес за тоа што го зборував. Сепак, веднаш штом заврши средбата, прва ми пријде и побара да направиме селфи. И веднаш по селфито замина“, напиша тој.

Во последно време Зарубина на својата страница на Фејсбук пишуваше дека како експертка на ОН учествувала на антиколонијални конференции на „Форумот на слободни држави од пост-Русија“.