Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека европските земји може да учествуваат во решавањето на конфликтот во Украина, пренесоа француските медиуми.
Путин ова го изјави поради загриженоста од Европската унија дека може да биде исклучена од мировните преговори за Украина меѓу Русија и САД.
-Европјаните, но и другите земји имаат право и можност да учествуваат. И ние тоа го почитуваме – рече Путин во телевизиско интервју.
Рускиот лидер додаде дека европските земји ги прекинале односите со Русија.
-Тие самите се откажаа од секаков контакт со нас и имаа секакви луди идеи за победа против Русија на бојното поле – рече Путин.
-Нивното учество во преговарачкиот процес е неопходно. Никогаш не сме биле против тоа – објасни тој.
Путин рече дека минатонеделните разговори меѓу Русија и САД во Саудиска Арабија, први разговори на високо ниво од почетокот на војната во Украина, во кои европските земји не учествуваа, имаат за цел „јакнење на довербата“ меѓу Москва и Вашингтон.
-Ниту едно прашање не може да се реши без ова. Вклучувајќи и толку сложено и акутно прашање како што е украинската криза – истакна шефот на руската држава.
Путин им нуди договор на САД за наоѓалишта на ретки суровини
Рускиот претседател Владимир Путин предложи заедничко истражување на наоѓалишта на ретки суровини со САД, вклучително и оние во деловите на Украина окупирани од Русија.
– Русија е подготвена да работи со своите партнери, вклучително и САД, по ова прашање – рече Путин во вчерашното интервју за државната телевизија.
Тој додаде дека Русија има едни од најголемите наоѓалишта во светот на крајниот север на земјата, како и на Кавказ, Сибир, Далечниот Исток и на окупираните територии во Украина, кои тој ги нарече „нови територии“.
Путин претходно разговараше за развојот на рударството на суровини со министри и други претставници на државата.