Конференцијата на европските рабини (ЦЕР) што требаше да се одржи во Сараево од 16 до 19 јуни, откажана од безбедносни причини
Конференцијата на европските рабини (ЦЕР) што требаше да се одржи во Сараево од 16 до 19 јуни беше откажана од безбедносни причини, по многубројните закани што организаторите ги регистрираа во јавноста, социјалните мрежи и во медиумите во Босна и Херцеговина. Тешки и провокативни и антисемитски изјави беа искажани и од страна на некои јавни личности во Босна и Херцеговина.
Имено, на Конференцијата на европските рабини (ЦЕР) што требаше да се одржи во Сараево требаше да присуствуваат рабини од цела Европа, за да разговараат за „прашања важни за европските Евреи поврзани со слободата на религијата и верувањето“.
Во соопштение објавено на веб-страницата на ЦЕР, организациониот одбор на европските рабини објасни дека „менаџментот на ’Свисотел‘ во Сараево, каде што требаше да се одржи конференцијата, одеднаш ги откажал сите претходни и тековни резервации“, што за нив било – шокантно. Рабините изразија свое мислење во кое „лавината закани почнале откако некои функционери, како што е министерот за труд и социјална политика на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Аднан Делиќ (Народ и правда), изјавиле дека овој настан не е потребен во главниот град на Босна и Херцеговина“! Имено, министерот Делиќ напиша дека „европско-еврејскиот настан треба да биде забранет“. Тој ги повика организаторите „веднаш да ја откажат конференцијата во Сараево, како и сите надлежни институции да го спречат нејзиното спроведување, и граѓаните и организациите на граѓанското општество да не молчат пред нападот врз моралот на Сараево“.
Најавата за организирање собир на европските рабини во Сараево беше отфрлена и од раководителот на институцијата наречена Меморијален центар во Сараево, Ахмед Куланиќ, со етикета дека овој настан е во насока на „промовирање идеологија што ги негира основните човекови права“. Настанот беше осуден и од поранешниот раководител на Исламската заедница, Мустафа Цериќ, и академикот Енес Дураковиќ.
Сето ова беше проследено со антиеврејска кампања во локалните медиуми со многубројни заканувачки пораки на социјалните мрежи.
Загуба за Сараево
Шефот на Конференцијата на европските рабини (ЦЕР), рабинот Пинхас Голдшмит, рече дека никој од службените лица од Босна и Херцеговина, дури и не се обидел да контактира со нив, а нивниот планиран собир бил откажан во последен момент.
– Сараево се прогласи за отворено и толерантно кон сите, освен кон Евреите. Овој министерски бојкот на Евреите во Европа… е срамен. Ние ги охрабруваме дијалогот, меѓуверската соработка и промовираме отвореност на дејствување. Ова е загуба за Сараево – рече претседателот на ЦЕР.
Тој додаде дека Германија, или поточно Минхен, веднаш им понудила гостопримство, но исто така предупреди дека ова отвора пошироки прашања бидејќи тие го разбрале ова како аларм бидејќи ставот што го покажала БиХ, или поточно Сараево, кон нив претставува јасно кршење на Повелбата за основните права на ЕУ и Декларацијата на Советот на Европа за антисемитизам.
Затоа Пинхас побара забрана за пристапување на Босна и Херцеговина во Европската Унија.
– Се поставува пошироко прашање. Оваа одлука за блокирање на европско-еврејска конференција на европско тло не е само алармантна туку и откривачка. Тоа е јасно кршење на обврските и вредностите на ЕУ (Повелба за основните права на Европската унија, членови 10 и 22; Декларација на Советот на Европа за антисемитизам, 2020 година). Босна и Херцеговина секако треба да биде суспендирана од членство и забранета од Европската Унија по оваа срамна критика на европската религиозна група. Сараево се прогласи за „град на отвореност и толеранција“ за сите освен за Евреите – соопшти Конференцијата на европските рабини (ЦЕР). Р.С.