Од илјада испитаници анкетирани од британското здружение за заштита на потрошувачите „Вич“, дури 12 отсто рекле дека пронашле туѓо тело во намирници купени во супермаркетите. Некои од предметите што ги нашле, наводно, биле неочекувани: од индустриски завртки во риби до муви и ларви во крекери. Некои пронашле накит, па дури и животински измет. Според европската агенција за истражување на пазарот, бројот на повлекувања на производи минатата година надмина 3.000 во секој квартал, што е загрижувачка бројка.
Рекордно количество производи за широка потрошувачка отстранети од европскиот пазар
Во истражувањето од британското здружение за заштита на потрошувачите „Вич“ е наведено дека луѓето што купуваат различни производи за широка потрошувачка во маркетите се судриле со фрапантна вистина дека „одамна веќе не се води сметка за здравјето на луѓето“. Некои потрошувачи/купувачи пронашле гасеници, парчиња дрва во купените намирници. Од вкупниот број испитаници, тројца рекле дека се меѓу потрошувачите што купиле храна што потоа била повлечена, а два отсто од нив потврдиле дека супермаркетот лично ги побарал за да ги информира дека производот што го купиле е повлечен. Половина од испитаниците рекле дека би сакале супермаркетот лично да ги извести доколку некој производ се повлекува. Но, навистина е голема среќа што ниту еден потрошувач не пријавил дека се разболел или претрпел други последици од купувањето на повлечените производи, пишуваат британските медиуми.
Според европската агенција за истражување на пазарот, бројот на повлекувања на производи минатата година надмина 3.000 во секој квартал, што е загрижувачка бројка. Со вкупно 7.011 повлекувања во првата половина на 2024 година, минатата година беше на добар пат да постави рекорд за повлекувања на производи во Европа. Затоа, потрошувачките организации веќе упатија повик и предупредување до купувачите да бидат внимателни при купувањето. Ова истражување ја следеше безбедноста на производите и податоците за повлекување од автомобилската индустрија, производите за широка потрошувачка, храната и пијалаците, фармацевтските и медицинските уреди во Обединетото Кралство и ЕУ. Бројот на повлекувања е зголемен во фармацевтската (9,5 отсто), автомобилската (9,3 отсто) и индустријата за храна и пијалаци (6,3 отсто). Индустриите за производи за широка потрошувачка и за медицински помагала забележаа пад на повлекувањата на производите. Заедно со најновите податоци за повлекување доаѓа извештај за тоа што треба да се промени и кои регулативи го овозможуваат тоа. Регулаторите го поминаа изминатиот квартал обезбедувајќи фер политики за набавки и конкуренција на отворен пазар, особено во секторите на автомобилската индустрија, храната и пијалаците и медицинските уреди. Одржливоста и вештачката интелигенција беа уште еден клучен фокус на регулаторите на ЕУ и Обединетото Кралство, кои предложија серија нови регулативи и дополнителни насоки за безбедно користење на вештачката интелигенција во безбедноста на производите. Р.С.