Изборот на носителите на водечките раководни позиции во ЕУ, Стратешката агенда 2024-2029 година, состојбите во Украина и на Блискиот Исток, безбедноста и одбраната, конкурентноста, миграцијата, хибридните напади и прашања од надворешната политика, ќе бидат главни теми на дводневниот Самит на Унијата што почнува попладнево во Брисел.
Во поканата упатена до шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ за учество на Самитот, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел посочува дека тоа ќе биде особено значаен состанок, бидејќи има суштинска агенда и со критични одлуки кои ќе го обликуваат патот на Унијата во следниот период.
– Меѓу овие одлуки, особено се издвојуваат три. Прво, ќе ја донесеме Стратешката агенда. Почитувајќи ја својата улога согласно договорите, Европскиот совет ќе ги обликува приоритетите на ЕУ и ќе ги постави стратешките ориентации на Унијата за следните пет години, кои ќе ја насочуваат работата во текот следниот институционален циклус. Второ, ќе го одредиме патот за внатрешните реформи и трето, ќе се договориме за институционалните назначувања – наведува Мишел во поканата.
Всушност, најважна точка на ова заседание на лидерите на ЕУ ќе биде носењето одлуки за избор на претседател на Европскиот совет, номинирање на претседателот на Европската комисија и именување на висок претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, изборот на носителите на овие функции се врши согласно процедури пропишани во Договорот на Европската унија (ТЕУ), при што мора да се води сметка дека избраните лидери мора да ја одразува различноста на ЕУ во однос на географското потекло, големината на земјата, полот и политичката припадност.
Согласно одредбите од Договорот на ЕУ, претседателот на Европскиот совет се избира со квалификувано мнозинство од страна на шефовите на држави или влади на земјите членки на Унијата со мандат од 2,5 години, со право на реизбор. Кандидат за оваа функција е поранешниот португалски премиер Антонио Кошта од Социјалистичката партија (ПС), која е дел од Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД).
Врз основа на резултатите од Евроизборите, Европскиот совет го предлага кандидатот за функцијата претседател на Европската комисија, кој го избира Европскиот парламент со мнозинство гласови од вкупниот број европратеници. Доколку предложениот кандидат не го добие потребното мнозинство гласови во ЕП, Европскиот совет во рок од еден месец мора да предложи нов кандидат. По ова истата процедура продолжува во Европарламентот со додека предложениот кандидат не биде избран со потребното мнозинство.
Актуелната претседателка на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен е кандидатка за реизбор на функцијата. Таа доаѓа од редовите на германската Христијанско демократска унија (ЦДУ), која е членка на Европската народна партија (ЕПП).
Според одредбите од ТЕУ, Европскиот совет го назначува високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност со мандат од пет години. Одлуката за назначување на „првиот дипломат на Унијата“ се носи со квалификувано мнозинство на членовите на Советот и во договор со претседателот на Европската комисија. Кандидат за наследник на Жосеп Борел на оваа функција е естонската премиерка Каја Калас, која членка на Реформската партија (РЕ), која пак е дел од либералната група во ЕП, „Да ја обновиме Европа“.
Согласно ТЕУ, Советот на ЕУ официјално ја именува целата Европска комисија, откако таа претходно ќе добие поддршка од Европскиот парламент со мнозинство гласови од пратениците што гласале. Одлуката за именување на ЕК, Европскиот совет ја носи со квалификувано мнозинство.
Се очекува Советот да ја усвои и Стратешката агенда на ЕУ за периодот 2024-2029 година, која претставува политички план што ги поставува правците и целите на Унијата за следниот период. Врз основа на дискусиите меѓу лидерите на ЕУ за предизвиците и идните приоритети на блокот, утврдено е Стратешката агенда да се заснова на три столба – слободна и демократска, силна и безбедна и просперитетна и конкурентна Европа.
Исто така, се очекува лидерите да усвојат патоказ за идните активности поврзани со внатрешните реформи, што треба да ги преземе ЕУ за исполнување на долгорочните амбиции и за зајакнување на нејзините капацитети за справување со сè покомплексните предизвици, кои би се одвивале паралелно со процесот на проширување на Унијата.
Инаку, заседанието на Советот ќе започне со размена на мислења со украинскиот претседател Володимир Зеленски, што ќе биде можност да се разговара за ситуацијата на теренот во Украина и, како што наведува Мишел во поканата, „да се забележат некои достигнувања од нашата последна средба“.