Издадена е наредба Русија да обезбеди да нема смртна казна за двајцата Британци, заробени поради учество во војната во Украина, соопшти денеска Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).
Претходно месецов, суд во самопрогласената Народна Република Донецк во источна Украина ги осуди на смрт британските државјани Ајден Аслин и Шон Пинер, обвинувајќи ги за „платенички активности“.
Времето истекува, порачал еден од Британците соочени со смртна казна во Донецк
ЕСЧП информираше за издадената наредба за привремена мерка до Русија, барајќи „да обзбеди да не биде извршена смртната казна изречена на подносителите на барањата и да обезбеди соодветни услови за нивниот притвор и да им ја даде сета потребна медицинска помош и лекови“.
Семејствата на Британците негираат дека тие двајца биле платеници, посочувајќи оти биле ангажирани во украинските вооружени сили.
Досега, Велика Британија одбиваше јавно да го допре прашањето со властите во Доњецк, чија независност ја признава само Русија, тврдејќи оти се надева дека Киев може да обезбеди тие да бидат пуштени на слобода.