Лидерите на земјите членки на ЕУ, собрани во замокот во Версај, усвоија заедничка агенда, за преземње конкретни мерки за справување со последиците од војната во Украина. Во однос на енергетиката, ЕУ ќе дефинира „акционен план“ за излез од „руската енергетска зависност“ до 2027 година, јави дописникот на МИА.
– Но, овие независни избори имаат цена. Ние мериме колку нашата храна, нашата одбрана се предмет на суверенитет. Сакаме да ги избираме нашите партнери и да не зависиме од нив – нагласи домаќинот на самитот Емануел Макрон.
Во однос на одбраната, станува збор за „дефинирање на инвестициите што ни се потребни“.
– До мај“ ќе биде претставена европската одбранбена стратегија. Европската унија ќе ги консолидира своите одбранбени сектори – додаде францускиот претседател.
„Ние, исто така, мора да го направиме нашиот дел и да имаме храброст да носиме историски одлуки, се заложи Емануел Макрон, според кој „храброста да се прифати фактот дека одбраната на нашата демократија има цена“
– Ние излегуваме од овие дискусии со свесност на Европејците дека сакаат да се движат во оваа насока. Сите се согласивме дека единствениот начин да се зачува мирот на нашиот континент е преку единство – заклучи Емануел Макрон
Покрај економските мерки, Европската унија вети дека ќе „продолжи дипломатски да ја изолира Русија“.
– Ќе ги преземеме неопходните мерки за да ја запреме Русија на нејзиниот пат на агресија – рече тој.
Соочен со барањето за поголема вклученост на Европската унија, формулирано од украинскиот претседател, Емануел Макрон одговори дека „разбира дека кога се бориме како Украина, сакаме многу повеќе, но не, не сме во војна со Русија“.
– Нашите патишта се јасни за Украина, нашата желба да ја поддржиме Украина е јасна, рече тој. Тоа го демонстриравме и подготвени сме да преземеме дополнителни санкции, ништо не е забрането – продолжи тој, оставајќи ја вратата отворена за ембарго на рускиот гас и нафта, без да најави никакви конкретни мерки.
– Знаеме дека ако ова се влоши, ќе мора да преземеме огромни санкции, ништо не е табу, ќе ги преземеме неопходните мерки за да ја запреме Русија на нејзиниот пат на агресија против Украина – заклучи Емануел Макрон.