Карикатура: „Нова Македонија“

Повод: Одложено гласањето во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), за усвојување на предлог-извештајот за Македонија

По предлог на известувачот Томас Вајц, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) вчера го одложи гласањето за усвојување на предлог-извештајот за напредокот на пристапниот процес на Македонија, за 24 јуни. Изготвувачот на споменатиот извештај, Томас Вајц, во образложението на предлогот за одложувањето нагласи дека тој „бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во европарламентот“


Тони Гламчевски,
наш известувач од Франција

Извештајот на Вајц за подготвеноста на Македонија за пристап во ЕУ е одличен резултат на преговарачите, сметаат повеќето од европратениците. Тие отворено ги осудуваат нападите врз известувачот и врз известувачите во сенка

Стана некако обичај во Брисел и Стразбур за Македонија и Македонците да се водат дебати, како да не се наоѓаме во 21 век, туку на крајот на 19, почетокот на 20, далеку од вредностите што ги брани и за кои се застапува Европската Унија – односно почитувањето на идентитетот и самоопределувањето на колективитетите и поединците.

Извештаите и резолуциите на Европскиот парламент за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ секогаш биле придружени со конфузни напади од земјите што ги негираа името Македонија, македонскиот идентитет и јазик. Долги години тоа го правеше Грција – поточно грчките европратеници, од влегувањето на Бугарија во ЕУ и особено по „решавањето“ на спорот за името, таа улога ја презедоа бугарските европратеници.
Но овој пат, нападите се директно насочени кон известувачот Томас Вајц (Австрија) од групата на зелените и Европската слободна алијанса и известувачите во сенка, наклеветени за пристрасност и за влијание од страна на „странски надворешни“ сили на ЕУ, во случајов Македонија и нејзините власти, кои, според нив, како да го напишале извештајот. Нападите доаѓаат од бугарски европратеници и од бугарскиот парламент.

Сите овие напади, за кои ќе се осврнеме подолу во текстот, го наведоа известувачот Вајц непосредно пред гласањето на извештајот од Комисијата за надворешни работи да побара одложување на гласањето.
– Драги колеги, вие сите видовте дека има страсна политички потхранувана дебата. Морам да кажам дека јас целосно стојам зад мојот извештај, сите групи учествуваа во изработката на извештајот и преговорите, компромисот, се работи за извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија за подготвеноста за пристап во ЕУ на Северна Македонија – рече тој.

Вајц нагласи дека извештајот нема намера ниту постои за да ги решава билатералните проблеми меѓу Македонија и Бугарија. Ние знаеме дека постојат јасни билатерални прашања и односи, се работи за почитувањето на правната држава, почитувањето на малцинските права, тоа се европски прашања.

– Би сакал да побарам да се одложи гласањето за 24 јуни на извештајот, ова го барам за да им дозволам на моите колеги, особено на оние од ЕКР и ЕСН да го ажурираат нивниот регистар на лобисти – истакна тој, директно обраќајќи се до бугарскиот европратеник Вајчев дека имал само три лобистички средби во сегашниов состав на ЕП.

Лицемерството во дискусиите на бугарските европарламентарци, по барањето на Вајц за одложување на гласањето по извештајот

Директно прозвани од Вајц, најпрво Ивајло Валчев (Бугарија) од групата на Европските конзервативци и реформисти, изрази благодарност до Вајц за „навременото и одговорно решение, јас сум шокиран од тоа што ми го кажа, споменувам дека нема да го обновуваме регистарот на средби со лобистите немам такви средби, но тој нуди одговорно решение“. Вајчев побара да се состанат известителите во сенка до гласањето на извештајот за разгледување на чувствителните прашања.

Станислав Стојанов (Бугарија) од групата Европа на суверени нации, исто така го поздрави решението на Вајц, како доказ на здрав разум. Тој се надева дека до гласањето на извештајот надлежните органи на парламентот ќе ги проверат сите факти во врска со изработката на извештајот.
– Нашите регистри се пополнети редовно за разлика од тие на Вајц – реплицираше Стојанов.

Веднаш по барањето на Вајц за одлагање на гласањето, за збор се јави Начо Санчез Амор (Шпанија) од групата на европските прогресивни демократи и социјалисти, кој го поддржува одложувањето и изразувајќи благодарност до известувачот, бидејќи извештајот е добар и преговарачите добија одличен резултат, што е во контраст со тоа што се случуваше во минатото.
– Ние не ги прифаќаме инсинуациите и нападите, кои беа користени за да се оправдаат барањата од другите групи. Не е потребно да се фрлаат камења врз некого ако се сака да се одложи гласањето. Ние ги осудуваме однесувањето и инсинуациите кон колегата Вајц и другите преговарачи, ве молам да бидеме внимателни да не создаваме преседани во кои надворешните конфликти од парламентот имаат влијание на ситуацијата во парламентот, да се заштитиме ние и нашата работа од вакви видови мешања – рече Санчез Амор.

Истото мислење го дели и Дан Барна (Романија) од групата Обнова.
– Сакам да му изразиме поддршка на колегата Вајц и сакам да кажам дека сум шокиран од кампањата што се води против него, од таа пракса треба да се откажеме – рече тој, со што кратката дебата беше затворена.

Се разбира тоа што ги налути бугарските европратеници и политичари е амандманот во кој стои „со почитување и признавање на македонскиот јазик и идентитет“, кој, според текстот, е дело на Вајц, иако во неговата верзија на извештајот, пред амандманите, немаше таков став, а европратениците можат да предложат што сакаат. Иако процесот на носење вакви резолуции во ЕП секогаш бил подложен на притисоци, случувањата околу извештајот очигледно ја разгневиле Софија, која тргнала во жесток напад кон известувачот Томас Вајц, спорејќи ја неговата неутралност во работата и го обвинуваа дека имал заткулисни средби со, како што рекоа, „надворешни фактори“, мислејќи на македонски претставници, и сето тоа влијаело на ставовите во извештајот.

Иако Вајц често се среќаваше со македонски претставници, она што Софија упорно сака да го прикаже е „непочитувањето на правата на Бугарите во Македонија“, односно, според нив, „тој не успеа да се вклучи во заедниците што се идентификуваат како Бугари во Р Македонија, и покрај, како што велат бугарските европарламентарци „добро документираните случаи на етничка дискриминација“ (!?). Над 40 амандмани поднесени од европратениците, но Вајц ги отфрли сите, избирајќи нејасни референци за „говор на омраза“ и „меѓуетнички тензии“, кои ги изоставуваат специфичните жртви или заедници.

Софија обвини дека Вајц „го засили наративот на владата обвинета за извршување злоупотреби, поткопувајќи ја посветеноста на ЕУ кон правдата и недискриминацијата“.

Извртената слика на Софија што сака да ја протне во јавноста

Софија овде како да направи инверзна, спротивна слика од фактичката состојба, напаѓајќи ја Македонија за она што таа (официјална Софија) го прави со години во Бугарија кон непризнаената македонска заедница и неможноста да се регистрираат македонски здруженија, клубови и партии, за што е осудувана десетици пати од Европскиот суд за човекови права во Стразбур и сѐ уште не ги има исполнето тие пресуди.

Интересно е дека до пред неколку години, во сите извештаи изработувани од Европската Унија, Европскиот парламент и особено од Советот на Европа, како ЕКРИ и Комесарот за човекови права, никаде не станало збор за дискриминација на бугарската заедница, која ниту се споменуваше како постојна во тие извештаи.
Известувачот Вајц од Брисел решително одговори на притисоците на бугарските претставници, но реши да се одложи расправата за извештајот за Македонија, и тоа за 24 јуни, употребувајќи еуфемистичка фраза дека имало „интензивна дебата околу извештајот“. Тој дополни дека стои целосно зад неговата содржина и неговата улога е да се осврне на состојбите на Македонија, а не да го решава спорот со Бугарија.

Бугарските европратеници бараат плус спроведување внатрешна истрага за „кршење на внатрешните процедури“ во врска со Вајц

Покрај одложување на гласањето за извештајот, европратениците од Бугарија бараат парламентот да спроведе внатрешна истрага за евентуално кршење на внатрешните процедури за да се утврди изворот на протекувањето и побарале во следниот период повторно да се преговараат спорните текстови.

Се разбира извештајот и резолуцијата што го придружува извештајот не се обврзувачки. Од 2009 година до денес, сите извештаи и резолуции барале почеток на преговорите за членство и дека Македонија ги исполнува условите, но прво Грција, потоа Макрон, а потоа и Бугарија го попречуваа почетокот на преговорите, а досегашните големи и идентитетски отстапки направени од минатите влади со ветувања дека ќе станеме набрзо членки на ЕУ, останаа без резултат. Кога станува збор за внесување на Бугарите во Уставот на Македонија, откако поради договорот со Атина за името се избришаа асномските придобивки, разбирливо е што актуелната влада е внимателна и не се впушта во брзо внесување, бидејќи никој не знае кое ќе биде следното барање од некој од соседите.