
Европската Унија со испраќање воени сили и опрема на Кипар сака да се факторизира во воениот конфликт на Блискиот Исток
- Неколку европски земји, ниту прашани, ниту засегнати, со намера да се претстават дека сѐ уште се „фактор на големата светска шаховска табла за војна и мир“ испратија воени сили поблиску до военото жариште – Иран, имено во Средоземјето, лоцирајќи ги кај својата ЕУ-членка, Кипар. Европејците, предводени од Велика Британија, сакаат да демонстрираат солидарност заради некаква „заштита на Кипар“ од евентуални возвратни напади од страна на Техеран. Европејците се длабоко претпазливи од тоа да не бидат директно инволвирани во конфликтот во Иран, бидејќи се длабоко немоќни заради прокси-војната што ја водат против Русија во Украина. Иран би значел ангажирање на Европа на „два фронта“, а таа не може да излезе накрај ниту со еден. Сепак во Брисел решиле „да ѕиркаат“ потскриени од некаде, за да видат од поблиску што се случува на Блискиот Исток
Наспроти силната претпазливост да не бидат директно вклучени во американско-израелската војна со Иран и првичните апели на лидерите низ Стариот Континент на воздржаност и дипломатија, Европската Унија, сепак, сака некакво дискретно замешателство или барем присуство од сенка во конфликтот со распоредување дополнителни свои воени сили, и тоа без да биде повикана, веројатно сакајќи да покаже дека сѐ уште е важна во геополитички рамки.
По нагласувањето на своите „одбранбени“ цели, неколку европски земји ветија и испратија воена помош за членката на ЕУ, Кипар. На шестиот ден од конфликтот на Блискиот Исток, Европејците, предводени од Велика Британија, се зафатија со „заштита“ на Кипар и арапските земји од возвратните напади од страна на Техеран. Некои од европските држави исто така ѝ дозволуваат на американската војска да ги користи нивните бази под одредени услови (на пример, без да бидат употребени за почнување воздушни напади).
Кои европски држави дислоцираа свои воени сили поблиску до военото жариште во Иран?
Премиерот Кир Стармер потврди дека Велика Британија испраќа воени хеликоптери на Кипар, како и дека разурнувачот на кралската морнарица ХМС „Драгон“ исто така ќе биде распореден на островот.
Шпанија исто така ја испрати фрегатата „Кристобал Колон“ во Источен Медитеран за да помогне во зајакнувањето на воздушната одбрана на Кипар, што го означува првото воено распоредување на Мадрид поврзано со ескалацијата на конфликтот.
Во меѓувреме, лидерите на Франција, Италија и Грција соопштија дека „се согласиле да го координираат распоредувањето воени средства на Кипар и Источен Медитеран и да работат заедно за да обезбедат слобода на пловидба во Црвено Море“.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција го испраќа својот водечки носач на авиони „Шарл де Гол“ во Медитеранот како одговор на растечкиот конфликт, како и воени средства на Кипар, еден ден откако беспилотни летала од иранско производство ја погодија британската воздухопловна база на медитеранскиот остров.
– Одлучив да испратам дополнителни средства за воздушна одбрана и француска фрегата „Лангедок“, која ќе пристигне покрај брегот на Кипар – кажа Макрон.
На носачот „Шарл де Гол“ се распоредени 20 борбени авиони „рафал“, заедно со два радарски авиони „хокај“.
Италија исто така објави планови за испраќање поморски единици во регионот, иако премиерката Џорџа Мелони претходно изјави дека нејзината држава „не е во војна и нема да ѝ се приклучува на војната“. Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето рече дека Италија ќе соработува со Шпанија, Франција и Холандија во распоредувањето бродови за да се обезбеди безбедноста околу Кипар во наредните денови. Грција испрати четири борбени авиони „Ф-16“ и две фрегати на Кипар.
Дури и Украина се вклучува во акцијата, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека САД побарале помош од Киев за соборување ирански дронови на Блискиот Исток, со оглед на долгогодишното украинско борбено искуство со нападите на „шахидите“ од иранско производство.
Воениот одговор предизвикува поделби низ Европа
Европските влади всушност се борат да ги ограничат политичките и економските последици од војната што не ја започнаа и не можат целосно да ја контролираат. Но конфликтот ги откри и поделбите меѓу европските држави. За повеќе влади, предизвикот вклучува балансирање на долгогодишните безбедносни врски со САД. Експертите велат дека одговорот на Европа останува во голема мера реактивен, бидејќи САД и Израел ја водат воената агенда. Конфликтот исто така ги тестира трансатлантското единство и способноста на Европа да дејствува колективно во глобалните безбедносни кризи. Р.С.
Блискоисточниот конфликт ги обновува грчко-турските тензии?
Некои од европските држави се загрижени дека Турција би можела да ги искористи превирањата во регионот за да ги промовира своите претензии врз поделениот остров Кипар, според известувањето на „Еурактив“. Кипар, кој е членка на ЕУ, но не и на НАТО, останува во состојба на висока готовност против потенцијални напади од Иран и од либански Хезболах.
Грција распореди ракети „патриот“ на Карпатос, остров во близината на турскиот брег и покрај брегот на Крит, каде што се наоѓа критична американска воена база, покрај испратената воена помош на Кипар, што наиде на реакција од Анкара. Турција тврди дека со испраќање современо оружје на островите во близината на нејзина територија, Атина ги прекршила меѓународните договори.
Членките на НАТО, Грција и Турција, се во долгогодишен спор околу поморските граници. Североисточниот дел од Кипар е под контрола на Турција од 1974 година, при што само Анкара ја признава таканаречената Турска Република Северен Кипар. Р.С.































