Фото: Емануел Макрон (твитер)

Францускиот претседател Емануел Макрон, за време на своето денешно обраќање на Светскиот економски форум во Давос, порача дека претпочита „почит пред грубата сила“ и „владеење на правото пред бруталноста“. Овие зборови во дипломатските кругови се толкуваат како директен одговор на надворешната политика на американскиот претседател Доналд Трамп.

Во моменти кога администрацијата во Вашингтон најавува формирање на нов глобален „Совет за мир“ под своја контрола, Макрон ја истакна посветеноста на Париз кон постојните меѓународни институции.

– Франција и Европа се посветени на националниот суверенитет и независност, како и на Обединетите нации и нивната Повелба. Сакам да го направам Г-7, со кој годинава претседава Франција, форум за отворен дијалог и за колективни и кооперативни решенија – нагласи францускиот претседател.

Макрон. исто така, предупреди дека Европа располага со „многу моќни“ инструменти во областа на трговијата и дека нема да се двоуми да ги искористи доколку не биде почитувана, реферирајќи на заканите на Трамп за воведување нови царини.

Тој упати сериозни критики кон трговската политика на САД, која според него, отворено цели кон слабеење и потчинување на Европа преку барање максимални отстапки.

Францускиот претседател потврди дека во рамките на форумот во Давос не планира средба со својот американски колега.