Американскиот претседател Доналд Трамп го информира својот тим за национална безбедност дека сака евентуалната американска акција врз Иран да биде брз и одлучен напад врз режимот во Техеран, објави „Ен-би-си њуз“ (NBC News) повикувајќи се на два неименувани извори.
Според нив, Трамп сака брза акција во Иран за да избегне долготраен судир.
Неименуваните извори тврдат дека Трамп е подготвен да ги исполни своите ветувања дадени на демонстрантите во Иран, дека ако властите продолжат да ги убиваат, САД ќе го нападне Иран.
Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи во вчерашното интервју за американската телевизија „Фокс њуз (Fox news) го предупреди Трамп да не ги повторува грешките од претходните воени судири, нагласувајќи дека Техеран е подготвен за дипломатија.
– Мојата порака е, не ја повторувајте грешката што ја направивте во јуни. Ќе го добиете истиот резултат … Знаете, ги уништивте објектите во јуни, но технологијата не може да се бомбардира, ниту решителноста не може да се бомбардира – изјави Арагчи алудирајќи на американските напади врз три нуклеарни објекти во Иран, како дел од 12-дневната војна меѓу Иран и Израел.
Тој наведе дека Техеран немал позитивно искуство во преговорите со САД, но сепак Иран е подготвен за преговири и дипломатија.
– Имаме докази дека во текот на изминатите 20 години, САД секогаш бегале од дипломатијата, по војна ја стопирале дипломатијата. Мојата порака е дека помеѓу војната и дипломатијата, дипломатијата е подобар пат. Иако немаме позитивно искуство од САД, дипломатијата е сепак многу подобра од војната – посочи Арагчи.
Тој, исто така потенцира оти дека Техеран нема никакви планови за егзекутирање на учесниците во масовните протести во Иран.
Трамп, во интервју за „Си-би-ес њуз“ пред два дена, предупреди дека ќе преземе многу силни мерки ако Иран почне да ги беси демонстрантите. Но, тој вчера изјави оти се намалиле убиствата извршени од иранските власти при задушување на протестите и оти „веродостојни извори“ тврдат дека засега не се планирани масовни егзекуции.
Организацијата „Активисти за човекови права во Иран“ (Human Rights Activists in Iran), со седиште во САД, соопшти дека за време на протестите во Иран загинале 2.571 човек, а приведени се 18.100 луѓе.
Иранските власти најавија брзи судски процеси против приведените демонстранти. Главниот обвинител на Иран, Мохамад Мовахеди Азад, најави дека демонстрантите ќе бидат обвинети како непријатели на Бога, за што, во согласност со иранските закони, предвидена е смртна казна, која се извршува со бесење.
Во меѓувреме, голем број земји им препорачаа на своите граѓани да не патуваат во Иран или да ја напуштат земјата. Велика Британија привремено ја затвори Амбасадата во Техеран.
Трамп вчера ги повика Американците да го напуштат Иран, а повлечен е и дел од персоналот во американската воена база во Катар, како „мерка на претпазливост“.
Иранскиот воздушен простор вчера беше затворен речиси пет часа, поради што голем број летови беа откажани, одложени или пренасочени. Воздушниот простор не беше затворен само за меѓународните летови, што можеа да се реализираат само со официјална дозвола.

































