По воениот удар во Нигер започна масовна евакуација на странците од земјата. Првите воени авиони што евакуираа претежно европски граѓани вчераутро слетаа во Париз и Рим.
Поради ризикот од ескалација на конфликтот, Франција, Италија и Шпанија потврдија дека евакуацијата ќе се врши по воздушен пат.
Прво, францускиот авион го напушти Нигер во вторникот вечерта и рано вчераутро слета во Париз со 262 патници. Веднаш по него, италијански воен авион евакуираше 87 лица од Нигер, кои исто така рано утрото пристигнаа во главниот град на Италија. Евакуирани се околу 36 Италијанци, 21 американски државјанин, четворица Бугари, двајца Австријци, еден британски државјанин и воен персонал од Нигер, Унгарија, Сенегал и Нигерија.
На 26 јули, воената хунта ги собори демократски избраниот претседател на Нигер, Мохамед Базум, и неговата влада со седмиот воен удар за помалку од три години во западните и централноафриканските земји.
Франција, САД, Германија и Италија имаат воени трупи во Нигер, ангажирани во мисии за обука и се борат против бунтовниците.
Француското министерство за надворешни работи соопшти дека се во тек планови за евакуација на француски државјани во западноафриканската држава Нигер, неколку дена откако претседателот Мохамед Базум беше соборен од членовите на неговата претседателска гарда.
– Со оглед на ситуацијата во Ниамеј, насилството врз нашата амбасада завчера и фактот што воздушниот простор е затворен и нашите граѓани не можат да го напуштат со свои средства, Франција подготвува евакуација на своите граѓани и (други) европски граѓани што сакаат да ја напуштат државата – се вели во соопштението на МНР.
Соборувањето на претседателот Базум минатата среда – седмото воено преземање за помалку од три години во Западна и Централна Африка – предизвика шокови низ целиот регион. Во неделата, приврзаниците на пучот запалија француски знамиња и ја нападнаа француската амбасада во главниот град на Нигер, Нијамеј, по што полицијата употреби солзавец како одговор.
Според веб-страницата на Министерството за надворешни работи, во Нигер во 2022 година имало помалку од 1.200 француски државјани. Италијанскиот министер за надворешни работи, исто така, во вторникот рече дека Владата ќе организира специјален лет за враќање на државјаните од Ниамеј, главниот град на Нигер, по военото преземање на африканската држава.
– Италијанската влада одлучи да им понуди на нашите сограѓани во Нијамеј можност да го напуштат градот со специјален лет за Италија – објави министерот за надворешни работи Антонио Тајани.
Нигер, сиромашна земја без излез на море, имаше турбулентна политичка историја од стекнувањето независност во 1960 година. Франција веќе една деценија има војници во регионот за да помогне во борбата против вооружените групи, но некои локални жители велат дека сакаат поранешниот колонијален владетел да престане да се меша во нивните работи.
Подготвил: Mарјан Велевски