Европската комисија предложи нова финансиска помош од повеќе од една милијарда евра за Украина, барајќи од блокот да дејствува брзо во однос на одобрувањето на финансискиот пакет. Според аналитичарите, потегот е последен обид во низата од страна на европските сојузници да покажат поддршка за Украина
Официјален Киев деновиве изрази разочараност од европските земји, особено од Германија, која одби да испрати помош за Украина. Но Европската комисија (ЕК) сега предлага нова финансиска помош од повеќе од една милијарда евра за Украина. Сепак, не е јасно колку брзо парите на Европската Унија (ЕУ) би можеле да стигнат до Украина. Финансирањето треба да добие зелено светло од членките на Унијата и од Европскиот парламент пред да се финализира. Пакетот, кој може да достигне 1,32 милијарда евра, содржи мешавина од заеми и грантови за кои претседателката на комисијата, Урсула фон дер Лејен, вети дека „ќе му помогне на Киев да ги реши неговите финансиски потреби поради конфликтот“. Доколку биде одобрен, ЕУ би можела да започне со „брза исплата“ за Украина од 600 милиони евра.
Официјален претставник на комисијата истакна дека целиот пакет претставува „нови“ пари за Украина, кои ќе бидат лесно достапни. Според официјалниот претставник, Фон дер Лејен веќе почнала да презема чекори за да испрати силна порака за поддршка во услови на зголемена руска закана. Покрај предложената финансиска помош, таа порача дека комисијата „наскоро ќе почне со работа“ на долгорочен пакет за финансиска помош за Украина како „поддршка за напорите за модернизација на земјата“. Покрај тоа, комисијата планира да ја зголеми својата билатерална помош за Киев, доделувајќи уште 120 милиони евра во грантови.
– Да бидам повторно јасна, Украина е слободна и суверена држава, која сама ги носи своите одлуки, а ЕУ ќе продолжи да ја поддржува – истакна претседателката на комисијата.
Министрите за надворешни работи на ЕУ ја потврдија нивната поддршка за Украина. Но сојузниците исто така се соочуваат со несогласувања околу тоа како точно да одговорат, бидејќи има различни ставови за тоа „какви санкции најефективно би ја казниле Русија додека се ограничува штетата по европската економија“. Шефот на надворешната политика на Унијата, Жозеп Борел, исто така рече дека блокот засега нема да ги евакуира семејствата на европските дипломати од Украина, иако САД и Велика Британија почнаа со тој процес додека ескалираат тензиите со Русија.