Високата претставничка за надворешна политика на Европска Унија, Каја Калас, повика на забрзување на процесот на проширување на Унијата, истакнувајќи дека интеграцијата на нови членки треба да добие поголемо темпо во актуелниот геополитички контекст.
Говорејќи на годишната конференција на дипломатите на ЕУ во Брисел, Калас нагласи дека проширувањето и натаму мора да се темели на заслуги и исполнување на критериумите, но дека сегашните околности бараат побрз напредок.
-Проширувањето е противотров на рускиот империјализам и доказ дека Европската Унија – најамбициозниот мултилатерален проект во историјата – продолжува да опстојува – изјави Калас, пренесува Politico.
Нејзиниот повик доаѓа во период на дебати меѓу Европска комисија, која се залага за побрзо проширување, и дел од земјите-членки кои поддржуваат постепен пристап кон приемот на нови држави.
Според извештајот на Politico, на состанок на амбасадорите на земјите-членки минатата недела присуствувал и Бјерн Зајберт, шеф на кабинетот на претседателката на Европската комисија. На средбата била отфрлена идејата кандидатите да бидат примени во Унијата со ограничени права и привилегии.
Калас истакна дека проширувањето не треба да се гледа само како административен процес во кој кандидатите ги исполнуваат условите, туку и како важна геополитичка одлука.
-Проширувањето долго време се смета за една од најуспешните политики на Унијата, бидејќи ја проширува зоната на стабилност, мир и просперитет – рече таа, повикувајќи се на резултатите од истражувањата на Евробарометар, кои покажуваат широка јавна поддршка за процесот.
И покрај различните ставови меѓу институциите, дипломат на ЕУ, кој сакал да остане анонимен, изјавил дека земјите-членки ќе вложат напори процесот на проширување да остане на вистинскиот пат.
































