Европската унија доби налог да основа сопствена шпионска агенција. Како дел од сеопфатниот преглед на подготвеноста за војна и кризи на блокот објавен вчера, поранешниот фински претседател Саули Ниинисто верува дека на ЕУ и треба сопствена разузнавачка агенција за да им помогне на земјите да се одбранат од закани, саботери и странски агенти кои работат во главните градови низ континентот преку подобра размена на информации, пренесува Политико.
Уште во март, Ниинисто – кој беше претседател на Финска повеќе од една деценија – беше задолжен од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен да достави детален извештај за подготвеноста за војна и за цивилна одбрана на блокот, заедно со предлози за подобрување. Во извештајот се наведува дека рускиот претседател Владимир Путин со години води војна во Украина на источната граница на ЕУ, а неговите оперативци се активни низ целиот блок, што предизвикува загриженост за способноста на националните агенции да предвидуваат злонамерни активности и влијание.
Во својот нацрт, Ниинисто ја дискутира потребата ЕУ да воспостави сопствена „целосна разузнавачка соработка на ниво на ЕУ која може да служи и за стратешките и за оперативните потреби“, додавајќи дека е потребна „анти-саботажна мрежа“ за заштита на инфраструктурата.
Потребна е повеќе работа за „да се подобри контрашпионажната работа во институциите на ЕУ“, рече тој по презентирањето на планот заедно со Фон дер Лајен. Голем број дипломати се протерани од главните градови под обвинение за шпионажа, а Брисел стана жариште за активности на агентите со стотици институции и амбасади со седиште во градот.
Западните сојузници веќе споделуваат разузнавачки информации – со мрежата „Пет очи“ што ги поврзува агенциите во Соединетите држави, Австралија, Канада, Нов Зеланд и Обединетото Кралство – и таквата агенција во ЕУ треба да се фокусира на добро користење на информациите кои се веќе оперативни, рече Ниинисто. „Мораме да си веруваме еден на друг“, додаде тој.