Шефовите на дипломатиите на Европската Унија попладнево одлучија да ги укинат економските санкции врз Сирија, објави високата дипломатка на ЕУ, Каја Калас, јави ДПА.
– Сакаме да му помогнеме на сирискиот народ да изгради нова, инклузивна и мирна Сирија. ЕУ отсекогаш стоела покрај Сиријците во текот на последните 14 години – и ќе продолжи да го прави тоа – напиша Калас на X.
ЕУ има за цел да игра водечка улога во закрепнувањето и идната реконструкција на Сирија, додаде таа.
Санкциите против поединци и организации поврзани со режимот на поранешниот претседател Башар ал-Асад и оние одговорни за насилната репресија врз сирискиот народ и кршењето на човековите права ќе останат на сила.
Дополнително, ограничувањата за извоз на оружје, како и стоки и технологии што се користат за внатрешна репресија, засега ќе останат на сила.
Земјите-членки на ЕУ уште во февруари се согласија за постепено олеснување на санкциите со цел да се поддржи брзото економско закрепнување во Сирија, како и нејзината реконструкција и стабилизација, потсети ДПА.
Мерките во енергетскиот, транспортниот и банкарскиот сектор првично беа суспендирани до јуни.