ЕУ денеска соопшти дека „во оваа фаза не добила никакво официјално известување“ од САД за воведување дополнителни царини.
– Нема да одговориме на распространетите најави без детали или писмено појаснување – се наведува во денешното соопштените на Европската комисија по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе царини од 25 отсто за увозот на челик и алуминиум во САД.
Еврокомисијата наведува дека Европската Унија не гледа оправдување за воведување царини за нејзиниот извоз и дека ќе реагира за да ги заштити интересите на европските бизниси, работници и потрошувачи од „неоправдани мерки“.
– Општо земено: Воведувањето царини би било незаконско и економски контрапродуктивно, особено со оглед на длабоко интегрираните производствени синџири што ЕУ и САД ги воспоставија преку трансатлантската трговија и инвестиции – се додава во реакцијата.
Комисијата натаму во соопштението посочува дека „царините во суштина се даноци“ и дека со нивното воведување, САД би ги оданочувале сопствените граѓани, би ги зголемиле трошоците за бизнисот и би поттикнал инфлацијата.
– Покрај тоа, царините ја зголемуваат економската несигурност и ја нарушуваат ефикасноста и интеграцијата на глобалните пазари – се додава во соопштението на Европската комисија.
Трамп најави дека денеска ќе воведе царина од 25 отсто за целиот увоз на челик и алуминиум во САД, како и дека „утре или в среда“ ќе објави воведување на реципрочно оцаринување, што ќе стапи во сила „речиси веднаш“, во случај ако некоја земја воведе царини за американските стоки.