Фото: Принтскрин

Проширувањето е добро за Европската Унија, исто како што е добро и за земјите опфатени со пристапниот процес, бидејќи ќе создаде поголем просперитет, поголемо единство, а, да се надеваме, и повеќе демократија – изјави белгиската европратеничка Кетлин ван Бремпт во изјава за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА.

– Значи време е да постигнеме резултати, а тоа значи дека мораме да им докажеме на (земјите од) Западниот Балкан и на другите држави опфатени со пристапниот процес дека сме подготвени за проширување – вели Ван Бремпт, која е потпретседател на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и која главно работи на прашања поврзани со трговијата и проширувањето на ЕУ.

Но, според неа, пред земјите кандидати за членство да пристапат во Унијата ќе мора да спроведат повеќе реформи.

– Сакаме гаранции, дека социјалните, еколошките и економските реформи се завршени, а уште поважно дека навистина се загарантирани владеењето на правото и демократски вредности на кои се базира Европската Унија – додаде Ван Бремпт.

Таа оцени дека на Балканот преовладува „идентитет на исклучивост“, кој поаѓа од ставот дека сите други грешат, а само ние сме во право.

– Нема ништо лошо во идентитетот и јазикот, но во моментот кога тој идентитет станува нешто што ги исклучува другите и им се спротивставува, тогаш станува закана за самата демократија и за мирот. Се надевам дека новата и младите генерации, на пример во Србија, во Северна Македонија, но и во Грузија, ќе одат против тоа и ќе работат на изградба на вистински европски идентитет – истакнува Ван Бремпт.

Тој европски идентитет, според неа, е инклузивен затоа што вклучува многу јазици и различни култури, но во исто време се базира и на заеднички вредности, како демократијата, владеењето на правото, почитувањето едни кон други и еднаквоста меѓу граѓаните.

– Сите овие работи припаѓаат на европскиот идентитет – вели Ван Бремпт, додавајќи дека како некој што доаѓа од Антверпен, таа лично се идентификува како граѓанин на тој фламански град, но во исто време и како Европејка.

Ван Бремпт оценува и дека во некои од земјите кандидати за членство во ЕУ, како Србија, Грузија и Молдавија, но и во членки на Унијата, како Романија, видлива е анти-ЕУ реториката, па затоа е важно луѓето да знаат дека агендата на рускиот претседател Владимир Путин и режимот во Москва е кристално јасна и е против Европската Унија.

– Тие се плашат од силна Унија каде што луѓето и земјите се здружени заедно со истата цел – слободна и просперитетна Европа, која се базира на заеднички вредности. Тоа е вистинска закана за Русија и затоа тие ги поткопуваат демократијата и проевропските чувства и во Србија и во Грузија, но и во рамките на Европската Унија – додава Вам Бремпт.

Белгиската европратеничка смета и дека изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен при неодамнешната посета на Белград дека Србија постигнала напредок, претставува погрешна порака.

– Можеби тука и таму имало некоја нова иницијатива или нов законски предлог, но мора да се види што се случува на терен во Србија – смета Ван Бремпт.

Таа оценува дека актуелните протести во Србија, кои на почетокот беа поврзани со инцидентот во Нови Сад и барања за поголема транспарентност и борба против корупцијата, прераснале во сеопштествен протест за демократија.

– Мислам дека иднината на Србија е во Европската Унија. Но, тоа треба да биде демократска Србија базирана на сето она што ја карактеризира демократијата – владеење на правото, независно судство, слобода на говор и ослободување од притисоци – заклучи Ван Бремпт.