Фото: Пиксабеј

Европската Унија ја засилува безбедносната соработка со Западниот Балкан, соопшти Европската комисија по повод синоќешното потпишување во Сараево на новиот Заеднички акциски план за спречување и борба против тероризмот и насилниот екстремизам од страна на еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер и претставници на земјите од западнобалканскиот регион.

Според ЕК, со овој План се зајакнува безбедноста, се унапредува патот на земјите од Западниот Балкан кон интеграција во ЕУ и се гради побезбедна Европа.

Со планот се предвидува зајакнување на соработката меѓу Унијата и земјите од регионот во нивно усогласување со законите на ЕУ за борба против тероризмот, во спречување на екстремизмот, поблиска соработка со Европол, во зајакнување на капацитетите за истражување на финансирањето на тероризмот и за подобра заштита на јавните простори и инфраструктурата.

– Ова се надоврзува на постојната соработка и ја поддржува постепената интеграција на партнерите од Западниот Балкан во безбедносната архитектура на ЕУ и, на крајот, и нивниот пат кон членство во ЕУ – додава Комисијата.

Во Акцискиот план се посочува дека со забрзувањето на преговорите за членство, од суштинско значење е дополнително да зајакне безбедносната соработка на Унијата со Западниот Балкан, со цел да се придонесе идната проширена ЕУ да биде побезбедна и поимуна на заканите од тероризмот и насилниот екстремизам.

– Надоврзувајќи се на достигнувањата од претходниот Заеднички акциски план потпишан во 2018 година, овој нов План има за цел да продолжи да ги зајакнува капацитетите на партнерите од Западниот Балкан за борба против тероризмот, спречувањето и борбата против насилниот екстремизам и понатамошно усогласување со законодавството, стандардите и политиките на ЕУ во оваа област – се наведува во документот.

Во него се додава дека активностите утврдени во Планот треба да бидат неисцрпни и прилагодливи на еволуирачките потреби и случувања и тој не создава, ниту е наменет да создаде, некакви обврзувачки, правни или финансиски обврски од која било страна согласно домашното или меѓународното право.

– Примарната одговорност за спроведување на активностите утврдени во Планот треба да биде кај партнерите од Западниот Балкан, а ЕУ треба да се стреми да ги поддржи во нивните напори и да учествува во проценката на нивните потреби. Новиот Заеднички акциски план ќе има за цел да постигне конкретни резултати за справување со постојните безбедносни предизвици и усогласување на заедничките напори со новите закани што произлегуваат од внатрешната и меѓународната безбедносна ситуација – се наведува во документот.

Планот, кој е со важност до декември 2030 година, предвидува и систематско зајакнување на регионалната соработка меѓу земјите од Западниот Балкан во оваа сфера.