Европскиот совет денеска донесе одлука за целосно суспендирање на договорот за визно олеснување меѓу ЕУ и Русија.
Од следната недела за руските граѓани ќе важат општите правила на визниот законик, што ќе резултира со зголемување на таксата за аплицирање за виза од 35 на 80 евра, потреба од поднесување дополнителна документација, продолжување на времето за обработка на визата и рестриктивни правила за издавање визи за повеќе влезови.
Чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракушан рече дека денешната одлука е директна последица на постапките на Русија и доказ за европската посветеност кон Украина.
– Договорот за визно олеснување обезбедува привилегиран пристап до ЕУ за граѓаните од доверливи партнери со кои споделуваме заеднички вредности. Со својата неиспровоцирана и неоправдана агресорска војна, вклучително и неселективни напади врз цивили, Русија ја наруши довербата и ги погази основните вредности на нашата меѓународна заедница – рече тој.
Одлуката, како што е најавено, веќе денеска ќе биде објавена во службениот весник на ЕУ, а ќе почне да се применува од понеделник, 12 септември.