Фото: „Нова Македонија“

Европската Унија останува конструктивна и е подготвена за фер царински договор со САД, вклучувајќи и реципроцитет во форма на нула царини на индустриските стоки, изјави еврокомесарот за трговија и економска безбедност Марош Шефчович по разговорите со неговите американски колеги во Вашингтон.

Според Шефчович, постигнувањето на оваа цел ќе бара „значителни заеднички напори“ од двете страни на Атлантскиот океан.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Шефчович од вчера престојува во Вашингтон на преговори за трговските односи помеѓу ЕУ и САД во обид да се избегне взаемна спирала на воведување царини и трговска војна.

Во објава на Икс, Шефчович информира дека во Вашингтон имал средби со американскиот секретар за трговија Хауард Лутник и со претставник на претседателот на САД, Доналд Трамп за трговија, Џејмсон Гриер. Главна тема на разговорите, според Шефчович, биле можностите за најдобро да се искористи 90-дневното „замрзнување“ на царинските мерки за постигнување договор за избегнување на царините, чие воведување од американска страна ЕУ го смета за неоправдано.

Европската комисија вчера во Службениот весник на ЕУ и официјално ја објави одлуката донесена минатата недела со која се суспендира примената на новововедените царини за американски стоки на период од 90 дена, до 14 јули.

Одлуката ја соопшти претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која информира дека Брисел го одлага стапувањето во сила на царините на американските производи, кои ден пред тоа беа воведени како реакција на решението на Трамп за суспензија на важноста на претходно воведените царини, исто така, за период од 90 дена.

Инаку, ова е третата посета на Шефчович во Вашингтон во изминативе помалку од два месеци со цел постигнување договор за царинските прашања. Првата посета беше на 20 февруари, а втората на крајот на март. По ова, во петокот тој имаше и видео конференциски состанок со Лутник и Гриер, кој траеше над два часа.