Фото: Принтскрин

Европската Унија се позиционира како глобално сигурен партнер од доверба на самитот на Г20 во Јоханесбург, откако САД го бојкотираа состанокот, пренесе ДПА.

– Европската Унија е тука. Ние сме предвидливи, сигурни и доверливи партнери – рече претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, пред почетокот на состанокот во јужноафриканскиот град.

– Ние сме тука да работиме со нашите партнери од Г20. Тука сме да работиме заедно затоа што никој не може сам да се справи со глобалните предизвици – рече тој.

– Ќе продолжиме да се залагаме за партнерство, отвореност и фер конкуренција – рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во однос на трговските политики на САД.

Со оглед на тоа што лидерите на САД, Кина и Русија се воздржаа од учество на самитот кој ќе трае викендов, трите најмоќни држави во групата Г20, составена од водечки индустријализирани и економии во развој, нема да бидат претставени на највисоко ниво. Дополнително, и лидерите на Аргентина и Мексико одбија да присуствуваат.

САД под претседателот Доналд Трамп целосно ги бојкотира разговорите на самитот, обвинувајќи ја јужноафриканската влада за сериозна репресија врз белите фармери. Јужна Африка ги отфрла обвинувањата како неосновани.

Фон дер Лајен и Кошта одбија да ги коментираат обвинувањата на Трамп.

И двајцата го пофалија актуелниот претседавач со Г20, јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса, пишува ДПА.