Европската Унија и Велика Британија мора да ги надминат историските несогласувања и да го ресетираат својот однос за да можат да работат заедно во еден сè понесигурен свет, изјави претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, во обраќањето до шпанскиот сенат во вторникот. Таа ја искористи можноста за да повика на поблиски врски на ЕУ со Велика Британија, додека Лондон ги засилува напорите за обезбедување полесен пристап до европските пазари и финансирање проекти, откако земјата гласаше за напуштање на европскиот блок во 2016 година.
– Десет години по брегзит, во свет што се промени толку длабоко, на Европа и Велика Британија им е потребен нов начин на соработка во трговијата, царината, истражувањето, мобилноста и безбедноста и одбраната. Денес е време да ги истераме духовите од минатото – изјави Мецола.
Говорот на Мецола доаѓа откако британскиот премиер Кир Стармер изрази намера за обезбедување корист на британската индустрија за оружје од водечката шема САФЕ на ЕУ – програма за финансирање во вредност од 150 милијарди евра, осмислена да го поттикне набавувањето воена опрема.
Стармер, исто така, во последниве денови сигнализираше дека бара поблиска интеграција со единствениот пазар на ЕУ. Но Брисел досега не сакаше повторно да ги отвори условите за меѓусебните односи со Велика Британија.
Иако одлуките за односите со Британија се на земјите членки на ЕУ, а не на Европскиот парламент, заложбата на Мецола означува промена во тонот што би можела да го зајакне британскиот аргумент за поблиски односи. Р.С.
































