Земјите од Европската унија ќе се обидат во наредните денови да покажат единство против царините наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп, можеби одобрувајќи го првиот сет на насочени контрамерки.
Таквиот потег би значел дека ЕУ им се придружи на Кина и Канада во наметнување одмазднички тарифи на САД, во рана ескалација на она што некои стравуваат дека може да стане глобална трговска војна, што ќе ги направи стоките поскапи за милијарди потрошувачи и ќе ги турка светските економии во рецесија.
Тарифите на Трамп покриваат околу 70 отсто од извозот на ЕУ во САД – во вкупна вредност од 532 милијарди евра минатата година – а се очекуваат и царини за бакар, фармацевтски производи, полупроводници и дрва.
Европската комисија, која ја координира трговската политика на ЕУ, в понеделник навечер на членките ќе им предложи список на американски производи на кои ќе воведат дополнителни царини како одговор на царините на Трамп за челик и алуминиум, наместо поширока примена на реципрочни мерки. На листата ќе се најдат американско месо, житарки, вино, дрво и облека, како и гуми за џвакање, забен конец, правосмукалки и тоалетна хартија.
Еден од производите што привлече поголемо внимание и предизвика расцеп во блокот е бурбонот. Комисијата предложи царина од 50 отсто, што го натера Трамп да се закани со 200 отсто контрамерка за алкохол доколку блокот ја спроведе мерката.
В понеделник, Луксембург ќе биде домаќин на првиот политички состанок на ниво на ЕУ откако Трамп ги објави огромните царини. Министрите за трговија од 27-те земји-членки ќе разменат мислења за влијанието и најдобриот одговор на новите царини.
Дипломатите на ЕУ наведуваат дека главна цел на средбата е да се договори заедничка порака за подготвеност за преговори со Вашингтон за укинување на царините, но и подготвеност за контрамерки доколку преговорите не успеат.
Меѓу земјите-членки на ЕУ има низа различни мислења за тоа како да одговорат. Франција рече дека ЕУ треба да подготви пакет мерки што ги надминуваат царините, а францускиот претседател Емануел Макрон предложи европските компании да ги прекинат инвестициите во САД додека не се „разјаснат работите“.
Ирска, на која речиси една третина од извозот оди во САД, повикува на „внимателен и одмерен“ одговор, додека Италија, третиот најголем извозник на ЕУ во САД, се сомнева дали ЕУ воопшто треба да возврати.
Претходните преговори со Вашингтон не вродија со плод. Главниот комесар за трговија на ЕУ, Марос Шефчович, го опиша неговиот двочасовен разговор со американските колеги во петокот како „искрен“, нагласувајќи дека американските царини се „штетни и неоправдани“.
Првичните контрамерки на ЕУ сепак ќе бидат ставени на гласање во среда и ќе бидат усвоени доколку не се спротивстави невообичаено голем број – квалификуваното мнозинство од 15-те земји-членки кои претставуваат 65 отсто од населението на ЕУ.
Мерките треба да стапат во сила во две фази – помал дел на 15 април, а остатокот еден месец подоцна.
Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен, исто така, ќе одржи одделни разговори в понеделник и вторник со извршните директори од челичниот, автомобилскиот и фармацевтскиот сектор за да го процени влијанието на тарифите и да одреди што да прави следно.