Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека очекува Европската Унија да преземе „конкретни чекори“ во врска со пристапниот процес на Турција кон Унијата, јави весникот „Биргјун“.
– Доколку ЕУ сака да ги надмине сегашните предизвици и да биде достојно претставена во новата глобална архитектура, тогаш Турција мора да биде прифатена како полноправна членка во најкус можен рок – рече Ердоган на Четвртиот дипломатски форум во Анталија.
Тој нагласи дека Турција е подготвена и решена да го продолжи процесот на пристапување и додаде: Очекуваме конкретни чекори од ЕУ. Членството во Унијата останува еден од главните приоритети на Анкара.
Турција доби статус на кандидат за членство во ЕУ во 1999 година, а преговорите започнаа во октомври 2005 година. Но, поради назадување на Турција во областа на демократијата, владеењето на правото и човековите права, преговорите се во застој од јуни 2018 година.