Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган донесе декрет со кој го отпушти од работа шефот на државната агенција за статистика Саит Ердал Динчер, откако беа објавени официјалните податоци кои покажуваат дека инфлацијата е на највисоко ниво во последните 19 години.
Ердоган на местото на Динчер го постави Ерхан Четинкаја, и при тоа не ја објасни својата одлука за промената на работната позиција на Четинкаја, кој претходно беше заменик-претседател на турскиот банкарски регулатор.
Турската лира расте, но граѓаните и натаму стравуваат.
Динчер се најде на удар и на владата и на опозицијата по објавувањето на податоците на 3 јануари кои покажуваат дека потрошувачките цени се зголемиле за 36,1 отсто во декември во однос на истиот период пред една година. Бројката беше далеку поголема од 27 отсто, колку што очекуваа аналитичарите.
Опозицијата рече дека реалните зголемувања на трошоците за живот се најмалку двојно повисоки, додека турските медиуми објавија дека Ердоган бил лут поради објавените податоци, за кои сметал дека се преценети размерите на економската слабост на Турција.
Високата инфлација ја намали куповната моќ во Турција, каде што се зголемија трошоците за храна, транспорт, парно, струја и други основни стоки. Инфлацијата е влошена со мешањето на Ердоган во централната банка и невообичаените економски политики. Валутата минатата година загуби 44 отсто од вредноста во однос на доларот.