Турскиот претседател Таип Ердоган ги смени амбасадорите во Шведска и Финска, земји кои аплицираа за членство во НАТО.
Според официјалниот весник на турската влада „Ресми Газета“, Ердоган назначил нови амбасадори во 25 земји, па така Дениз Чакар, кој беше генерален директор за меѓународна промоција и култура, е назначен за амбасадор во Финска, додека Јан Тезељ, кој беше директор генерал за билатерални политички прашања во турското Министерство за надворешни работи, стана амбасадор во Шведска.
Поради настаните во Украина на 18 мај, Финска и Шведска поднесоа барање до генералниот секретар на НАТО за влез во алијансата. Турција го блокираше почетокот на процесот на разгледување на тие апликации.
Ердоган рече дека Анкара не може да каже „да“ за членството на Финска и Шведска во НАТО, бидејќи не може да верува во нивните гаранции за односите со претставниците на Работничката партија на Курдистан, која беше забранета во Турција.