Министерството за одбрана на САД разгледува можност да повлече десет илјади американски војници од Источна Европа, соопшти денеска Ен-би-си њуз, повикувајќи се на американски и европски претставници.
Станува збор за дел од контингент од 20 илјади војници распореден во Полска и Романија во 2022 година од администрацијата на Џо Бајден, чија цел е да се одврати Русија. Европски дипломати предупредуваат дека ваквиот потег може да предизвика загриженост меѓу сојузниците за тоа дали Вашингтон е доволно посветен за безбедност во Европа.
Брајан Хјуз, портпарол на Советот за национална безбедност, изјави дека претседателот Трамп ги преиспитува приоритетите кои што ја ставаат Америка на прво место. Сет Џонс од Центарот за стратешки и меѓународни студии предупреди дека намалувањето на трупите на САД во Европа Москва би можела да го протолкува како знак на слабеење на одвраќањето.
„Вашингтон пост“ објави дека Пентагон разгледува повлекување на сите 20 илјади војници распоредени од Бајден. Поранешната амбасадорка на САД во НАТО, Џулијана Смит, го смета тоа за можно сценарио. Пит Хегсет, новиот министер за одбрана, на Минхенската конференција неодамна изјави дека „американското присуство во Европа нема да трае вечно“, бидејќи фокусот се префрла кон Кина.
Од 2022 година, бројот на американски војници во Европа се движел од 75.000 до 105.000, со околу 63.000 кои се постојано стационирани, најолем дел од нив во Германија. Повлекувањето може да се поврзе со мировни преговори за Украина и барањето на Путин од 2021 година американски сили да се повлечат од сите земји што се приклучиле на НАТО по 1997 година.