Европа добива околу 40 отсто од својот природен гас од Русија, која е исто така главен снабдувач на нафта на блокот

Во Европската Унија се јавија јазови меѓу членките околу тоа колку брзо ќе можат да ја намалат зависноста од руските енергетски испораки, пишува „Би-би-си“

ЕУ поделена околу изнаоѓањето на енергетски алтернативи

Европската Унија останува во голема мера зависна од руската нафта и гас. Германскиот министер за економија рече дека земјата ќе може да ја надмине забраната за руска нафта до крајот на 2022 година. Сепак, Унгарија се противи на таквиот потег, наведувајќи дека нема да ги поддржи мерките што би можеле да ги загрозат енергетските резерви. Министрите на ЕУ неодамна се состанаа за да разговараат за тоа како да се управува со состојбата, под силен притисок да се намали приливот на приходи што ја поддржува воената операција на претседателот Владимир Путин во Украина. Има два главни предизвици со кои се соочуваат европските членки – како да платат за руската енергија на начин што не ги прекршува или поткопува санкциите на ЕУ и исто така како да се набават и развијат алтернативни резерви за да се оддалечат од зависноста од Русија.

Продолжува увозот на фосилни горива
На неодамнешна прес-конференција, шефицата за енергетска политика на ЕУ, Кадри Симсон, рече дека Русија со запирање на испораките на гас за Полска и за Бугарија ја зајакна волјата на блокот да стане независен од руските фосилни горива. Но според Центарот за истражување за енергија и чист воздух (ЦРЕА), Унијата увезла фосилни горива во вредност од околу 37 милијарди фунти од почетокот на конфликтот. Двата најголеми увозници во светот беа Германија, а потоа Италија. Енергетскиот гигант „Газпром“ го запре извозот на гас во Полска и во Бугарија, откако тие земји одбија да ги исполнат руските барања за плаќање во рубли, а многу други членки ќе се соочат со истиот проблем околу средината на мај. Полска и Бугарија планираа да престанат да го користат рускиот гас оваа година и рекоа дека можат да се справат со прекинот, но тоа ги зголеми стравувањата дека следни би биле другите земји од ЕУ, вклучувајќи ја и Германија, која е европската економска сила зависна од гас.
Симсон го повтори ставот на Европската комисија дека плаќањето за гас во рубли би било „прекршување“ на санкциите и „не е прифатливо“. Нејтан Пајпер, шеф за истражување нафта и гас во „Инвестек“, посочи дека е мошне јасно тоа што ЕУ сака да се „оддалечи“ од руската нафта и гас, но додаде дека недостигот од единство е предизвикан од „способноста, всушност, да се случи тоа“.
Европа добива околу 40 отсто од својот природен гас од Русија, која е исто така главен снабдувач на нафта на блокот, но некои земји се позависни од руските фосилни горива од другите, така што ненадејните кратења на снабдувањето може да имаат огромно економско влијание. На пример, Германија во моментов добива околу 25 отсто од својата нафта и 40 отсто од својот гас од Русија. Словачка добива 96, а Унгарија 58 отсто од нивниот увоз на нафта од Русија минатата година, според Меѓународната агенција за енергија. Германскиот министер за економија Роберт Хабек рече дека неговата земја „може да поднесе ембарго за нафта“ и дека е „на пат да го стори истото тоа за гасот“. Дипломатски извори изјавија за „Би-би-си“ дека се разгледуваат компромиси за целосна забрана на блокот, особено за земји како Унгарија и Словачка.
Според Пајпер, со нафтата има повеќе опции за добивање алтернативни резерви, во споредба со гасот, кој најчесто се транспортира преку гасоводи. Тој додаде дека исто така е „понезгодно“ за државите на ЕУ без излез на море да најдат нови извори. Пајпер предупреди дека иако Германија би можела да ја забрани нафтата, ќе бидат потребни години за да се исклучи рускиот гас, кој сочинува 40 отсто од нејзиниот вкупен увоз. Институтот за енергетски истражувања ЕВИ рече дека Германија треба да ја ограничи употребата на гас сега за да се подготви за можноста за идно оттргнување од руската енергија. „Унипер“, една од најголемите германски енергетски фирми, исто така предупреди дека забраната на ЕУ за руската нафта може да ја натера Русија да го запре протокот на гас кон Запад.

Несогласувањето за плаќањето во рубли
Компанијата неодамна соопшти дека ќе плати во евра, кои ќе бидат претворени во рубли, исполнувајќи го барањето на Кремљ сите трансакции да се вршат во руската валута. Други европски енергетски фирми, наводно, се подготвуваат да го сторат истото тоа поради загриженоста за намалување на снабдувањето. Кон крајот на март, Русија рече дека „непријателските земји“ ќе мора да почнат да плаќаат за нејзината нафта и гас во рубли за да ја поддржат својата валута, откако западните сојузници замрзнаа милијарди долари што ги чуваше во странски валути во странство. Според декретот, европските увозници мора да уплатат евра или долари на сметка во Газпромбанк, швајцарската трговска групација на „Газпром“, а потоа да ги претворат во рубли на втора сметка во Русија. Мнозинството од 97 отсто од договорите за снабдување со гас на компаниите од ЕУ со „Газпром“ предвидуваат плаќање во евра или долари. Некои земји бараат да се свртат кон течен природен гас (ЛНГ), при што САД се согласија да испорачаат дополнителни 15 милијарди кубни метри во Европа до крајот на годината. САД веќе го забранија увозот на руска нафта, а Велика Британија планира постепено да го укине до крајот на годината. ЕУ претходно подготви стратегија да ја направи независна од руските фосилни горива до 2030 година, што вклучува поголема употреба на позелени извори на енергија.


Унгарија не даде поддршка за забраната на ЕУ

Брисел се откажа од своите планови за забрана на бродската индустрија на Европската Унија да превезува руска нафта. Причината е загриженоста на некои држави-членки околу економски ефект на мерките, објави „Фајненшл тајмс“.
– Европската комисија се откажа од предлогот насочен кон поморството што беше воведен во минатата недела, по жестокото лобирање на Грција и на Малта – изјавија неколку извори што се упатени во преговорите.
Унгарија не даде поддршка за забраната на ЕУ за увоз на руска нафта, дури и по разговорите меѓу премиерот Орбан и шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лејен, дознава „Фајненшл тајмс“.
Фон дер Лејен, како што пишува „Фајненшл тајмс“, се обидела да го убеди Орбан да поддржи ембарго, нудејќи му дополнително време и потенцијална финансиска поддршка.
Унгарија е меѓу земјите што се надеваат на подолг временски период за постепено воведување забрана, а бара и финансиска поддршка од ЕУ во транзицијата од руски фосилни горива во инвестиции во алтернативна инфраструктура.


Бугарија и Унгарија се подготвени за вето

Бугарија нема да ги поддржи новите санкции на Европската Унија против Русија доколку не добие отстапување од предложената забрана за купување руска нафта, како што изјави завчера вицепремиерот Асен Василев.
– Нашиот став е многу јасен. Доколку има отстапување за некоја од земјите, сакаме и ние да добиеме такво отстапување. Ако не, нема да ги поддржиме санкциите. Но не очекувам да дојдеме до тоа, врз основа на разговорите во моментов – изјави Василев за националната телевизија БНТ.
Владите на Европската Унија во неделата се приближија до согласноста за строги санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина, но беа закажани повеќе разговори за да решат како да обезбедат земјите што најмногу зависат од руската енергија да се справат со тоа.
Унгарија, Словачка и Чешка, кои немаат излез на море и во голема мера зависат од руската сурова нафта, се соочуваат со предизвик да обезбедат алтернативни извори и побараа отстапување од забраната. Бугарија исто така побара отстапување.
– Унгарија нема да ги поддржи санкциите на Европската комисија против Русија, бидејќи тие се проблематични и не нудат никакво решение – изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Сијарто вели дека сегашниот предлог за санкции претставува „нуклеарна бомба“, која ќе ја загрози енергетската безбедност и, ако биде усвоена, ќе ја спречи Унгарија да испорачува сурова нафта.
Изворите на Блумберг информирале дека состанокот на амбасадорите на 27-те земји-членки на ЕУ завршил без договор, а се очекува разговорите да продолжат следните денови.

Подготвил: Митко Јовановски