По неколкудневна макотрпна потрага по профил за премиер, францускиот претседател Емануел Макрон избра политичар од десницата со долго политичко искуство
Мишел Барние назначен за премиер на француската влада
„Го имавме веќе подолго време на нишан“, уверува советник од Елисејската палата. Шеесет дена по вториот круг на парламентарните избори и по две недели макотрпни формални и неформални консултации, шефот на француската држава конечно го направи својот избор овој четврток: нов премиер е Мишел Барние!
Најстар премиер на Петтата република
Мишел Барние е десничар со неоголистичко наследство. Тој има 73 години и станува најстариот премиер на Петтата република – и има исклучително долга политичка биографија: заменик-претседател на генералниот совет на Савоа, четири пати министер, двапати еврокомесар и конечно главен преговарач на Европската Унија за брегзит. Тој се претстави во 2021 година на републиканскиот конгрес за да го номинира десничарскиот претседателски кандидат, неуспешно во првиот круг, со 23 отсто од гласовите. Неговото име, извесно време, се споменуваше и да го преземе водството на листата на ЛР на европските избори на 9 јуни. На крајот беше избран Франсоа-Ксавиер Белами.
Емануел Макрон го задолжи Мишел Барние „да формира обединувачка влада во служба на земјата и Французите“, се наведува во соопштението на Елисејската плата.
– Ова назначување доаѓа по невиден циклус консултации за време на кои, во согласност со неговата уставна должност, претседателот се погрижи премиерот и идната влада да ги спојат условите за да бидат што е можно постабилни и да си дадат шанси да се здружат колку што е можно пошироко – додава претседателството. Начин на оправдување на бесконечната сапуница што доведе до оваа одлука.
Францускиот претседател глув за барањето на левицата и Новиот
народен фронт за назначување премиер од нивните редови, според волјата
на гласачите
Генералниот секретар на Елисејската плата, Алексис Колер, кој беше посредник меѓу Емануел Макрон и Мишел Барние, го туркаше името на вториот од почетокот на летото. Опцијата Барние се врати на дискусиите на почетокот на неделата, кога Емануел Макрон го забележа фактот дека Ксавиер Бертранд како Бернар Казнев ризикува итно барање за гласање на доверба во Националното собрание. Од средата, шефот на државата се консултира со републиканските лидери за да ја тестира оваа опција, почнувајќи од претседателот на Сенатот, Жерар Ларше, кој не беше непријателски настроен кон овој избор. Тој, исто така, оствари нова рунда телефонски повици со лидерите на партиите и политичките групи во Националното собрание за да се обезбеди „нецензура“ на новиот закупец на Матињон, суштинскиот критериум што се поставува во Елисејската палата со недели.
Прашањето во суштина и се постави најмногу поради Марин Ле Пен, која го попречи патот за назначување на Ксавиер Бертранд. Во четвртокот, избраните претставници на Националниот собир беа помалку категорични кон Мишел Барние. Неговиот профил „никого не тера да сонува“, но „очекуваме да видиме“, изјави пратеникот на РН, Себастиен Шену, на БФМТВ. РН нема „веднаш“ да цензурира премиер „кој би рекол дека оди кон пропорционални избори за во иднина, кој ги напаѓа имиграцијата, безбедноста, куповната моќ на Французите и кој го почитува Националниот собир како прва политичка сила“, појасни тој. Неговиот колега Жан-Филип Танги, од своја страна, го нарече Мишел Барние „фосил“ на Франс Интер, но без да прави никакви планови за итна цензура. Доволно за да му се расчисти патот на новиот премиер, барем до крајот на годината да се донесе следниот буџет? По составот на неговата влада, ова ќе биде прва задача на Мишел Барние и ветува дека ќе биде повеќе од напорна.
За в сабота се најавени демонстрации на левицата и Новиот народен фронт поради непочитувањето на изборот на гласачите на парламентарните избори, на кои тие излегоа први, но претседателот Емануел Макрон се покажа глув на нивното барање за назначување премиер од нивните редови.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур