Фото: Принтскрин/Јутуб

Еквадорскиот претседател Даниел Нобоа издаде декрет со кој се потврдува дека Еквадор е во состојба на „внатрешен вооружен конфликт“ и нареди „неутрализација“ на бандите вклучени во трговијата со дрога.

Претседателскиот декрет го признава „постоењето на внатрешен вооружен конфликт“ и наредува „мобилизација и интервенција на вооружените сили и полицијата за гарантирање на суверенитетот и националниот интегритет против организираниот криминал, терористичките организации и недржавните воинствени сили“.

Нобоа наредува и „неутрализација“ на сите криминални групи и дава исцрпен список: „Агилас, АгиласКилер, АК47, Кабаљерос Оскурос, ЧонеКилер, Чонерос, Ковичерос, Куартал де лас Феас, Кубанос, Фаталес, Ганстер, Катер Пилер, Лагартос, Латин Кингс, Лобос, Лос п.27, Лос Тибурнес, Мафија18, Мафија Требало, Патронес, Р7, Тигеронес“.

Тие банди, од кои повеќето беа улични само до пред неколку години, станаа крвави актери во трговијата со дрога со меѓународни пипала, откако Еквадор стана главна извозна точка за кокаин произведен во Перу и соседна Колумбија. Таа земја сега е опустошена од насилството на бандите и трговците со дрога.

Јавниот непријател број еден, водачот на Чонерос (банда од околу 8.000 луѓе, според експертите), Адолфо Масијас, алијас Фито, избегал од затворот во Гвајакил во неделата, предизвикувајќи невидена безбедносна криза низ целата земја, голема предизвик за претседателот Нобо (36), избран во ноември минатата година со ветување дека ќе ја врати безбедноста во земјата.

Шефот на државата во последната точка од указот ја подвлекува потребата вооружените сили да дејствуваат „според меѓународното хуманитарно право и со почитување на човековите права“.


Криминалците упаднаа во телевизиска станица, киднапираа полицајци

Тешко вооружени криминалци вчера упаднаа во студиото на голема телевизиска станица во Еквадор за време на програма во живо, додека криминалните банди почнаа серија навидум координирани напади низ јужноамериканската земја. Носејќи пиштоли, митралези и динамит, маскирани криминалци упаднаа во седиштето на мрежата „ТЦ“ во најголемиот град во Еквадор, Гвајакил, околу 14 часот по локално време.

Под закана со пиштол, тие им наредиле на вработените во телевизијата во студиото да легнат на подот, пред да биде прекинат преносот во живо. Весникот „Ел Универзо“ пишува дека во паника новинарите и снимателите испратиле бројни пораки барајќи помош додека криминалците дивееле низ зградата. Последователно, полицијата на мрежата Х објави дека вработените во телевизијата „ТЦ“ биле евакуирани од студиото.

Подоцна еквадорската полиција објави дека ги уапсила сите вооружени лица и дека целиот персонал и заложниците се живи. Најмалку четири парчиња оружје, две гранати и експлозивен материјал се пронајдени, а 13 лица се уапсени, изјави Сезар Запата, началник на националната полиција.

До нападот во студиото дојде кога криминалните банди започнаа бран на терор низ Еквадор, киднапирајќи полицајци и активирајќи серија бомби. Нападите се случија неколку часа откако новиот претседател Даниел Нобоа прогласи вонредна состојба по бегството од затвор на водачот на најопасната банда во земјата.