Фото: ЕПА

Се зголемува ризикот за ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хезболах

Нападите со експлозивните пејџери се случија во време на зголемена загриженост за тензиите меѓу Израел и Хезболах, кои се вклучени во прекугранична војна од избувнувањето на конфликтот во Појасот Газа минатиот октомври. Хезболах, кој е поддржан од Иран, вети дека ќе му возврати на Израел, чии воени претставници одбија да ги коментираат експлозиите

Израелската разузнавачка агенција Мосад наводно поставила експлозив во пет илјади пејџери увезени од либанската милитантна група Хезболах, неколку месеци пред нивните завчерашни детонации, во кои има десетина загинати и околу три илјади ранети, според првичните информации што ги пренесуваат светските медиуми, повикувајќи се на безбедносни извори од Либан.
Нападите со експлозив се случија во време на зголемена загриженост за тензиите меѓу Израел и Хезболах, кои се вклучени во прекугранична војна од избувнувањето на конфликтот во Појасот Газа минатиот октомври. Хезболах, кој е поддржан од Иран, вети дека ќе му возврати на Израел, чии воени претставници одбија да ги коментираат експлозиите. Додека војната во Газа беше главниот фокус на Израел по нападот на 7 октомври од страна на вооружени припадници на Хамас, несигурната ситуација по должината на северната граница на Израел со Либан ги подгреа стравувањата од регионален конфликт што може да ги вовлече САД и Иран.

Се стравува од идните потези на Израел и Хезболах во меѓусебниот судир

За американската дипломатија, нападот во Либан не можеше да дојде во помалку поволен момент, бидејќи може да предизвика ескалација што САД очајнички се обидуваат да ја избегнат. Еден ден пред нападот, Амос Хохштајн, висок советник на Џо Бајден, беше во Израел, апелирајќи до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и до други високи израелски функционери против понатамошна ескалација во Либан. Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и израелскиот министер за одбрана Јоав Галант исто така предупредија дека истекува времето за да се најде договор меѓу Израел и Хезболах. САД во меѓувреме упатија предупредување и до Иран против ескалација на состојбата.

Израелската влада завчера објави дека ќе ги прошири своите воени цели за да го вклучи враќањето на десетици илјади цивили на границата со Либан, при што постои страв дека премиерот Нетанјаху ќе се одлучи да изврши копнена инвазија врз Либан.
– Останува да се види дали нападот е увертира за поширока операција на израелските сили, кои сега би можеле да ги искористат предностите од стотиците, па можеби дури и илјадниците оперативци на Хезболах што се онеспособени – пишува британски „Гардијан“.

И додека американските власти наведоа дека темелот за мир по должината на северната граница на Израел со Либан ќе дојде преку прекин на огнот во Газа, тој договор се покажа недостижен и се чини дека не е поблиску до реализација.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен завчера отпатува на Блискиот Исток за да разговара за договорот со Египет, кој посредува во преговорите со Хамас, но, според портпаролот, ќе го заобиколи Израел бидејќи најновата верзија на договорот сè уште не е готова.

САД исто така се соочуваат со губење на клучниот посредник во Галант, кој беше критичен кон Нетанјаху. Негова потенцијална замена како министер за одбрана е Гидеон Сар, лидерот на десничарската партија Нова надеж, кој се смета за порадикален. Белата куќа се надеваше дека претходно кратко примирување на ситуацијата околу Израел ќе овозможи пробив за прекин на огнот помеѓу Хамас и Израел. Но тој тивок период сега е уништен со нападот со пејџерите и ветувањето на Хезболах дека ќе возврати.

Саботажата на пејџерите е голем безбедносен пропуст на Хезболах

Нападите со експлозивните пејџери веројатно сериозно ја нарушија комуникацијата на Хезболах. Пејџерите беа добиени како нискоризична алтернатива во однос на мобилните телефони, овозможувајќи ѝ на милитантната група да комуницира од далечина, без да биде ранлива на напади со беспилотни летала во рамките на израелската кампања против лидерите на Хезболах и Хамас.

Израелските медиуми наведуваат дека саботажата на уредите била резултат на хакирање на синџирот на снабдување со пејџерите, дозволувајќи им на оперативците на Мосад да постават експлозиви во пејџерите пред да му бидат продадени на Хезболах.
– Ова лесно би бил најголемиот контраразузнавачки неуспех што Хезболах го имал во последните децении – рече Џонатан Паникоф, поранешен заменик-национален разузнавач на владата на САД за Блискиот Исток.

Функционер на Хезболах исто така истакна дека детонацијата на пејџерите е „најголемото нарушување на безбедноста“ на милитантната група од почетокот на конфликтот во Појасот Газа.

Во февруари Хезболах подготви воен план што имаше цел да најде одговор за празнините во разузнавачката инфраструктура на групата. Околу 170 борци веќе беа убиени во целните израелски напади врз Либан, вклучувајќи и еден висок командант и висок функционер на Хамас во Бејрут. Во телевизиски говор на 13 февруари генералниот секретар на групата Хасан Насрала строго ги предупреди поддржувачите дека користењето телефони е поопасно од израелските шпиони, велејќи дека треба да ги скршат, закопаат или да ги заклучат телефоните во железна кутија.

Затоа беше одлучено да им се дистрибуираат пејџери на членовите на Хезболах низ различните гранки на групата – од борци до медицински лица што работат во нејзините служби за помош.

Ракетниот бараж на Хезболах ден по нападот на Хамас во Израел на 7 октомври ја отвори најновата фаза на конфликтот на либанската група со Израел и оттогаш има секојдневна размена на ракети, артилериски оган и проектили, при што израелските авиони напаѓаат длабоко на либанска територија.
Р.С.


Потрагата по потеклото на пејџерите оди од Азија преку Европа

Хезболах наводно ги нарачал спорните пет илјади пејџери од азиската компанија „Голд Аполо“, при што се смета дека тие пристигнале во Либан во текот на годинава, според безбедносен извор на милитантната организација, пренесува „Ројтерс“. Но, основачот на компанијата „Голд Аполо“ кажал дека пејџерите користени во експлозијата се направени од европска компанија што тој во изјавата ја именува како БАЦ.

Либанскиот безбедносен извор на „Ројтерс“ го идентификува моделот на пејџерот како „АП-924“, кој, како и другите пејџери, безжично прима и прикажува текстуални пораки, но не може да остварува телефонски повици. Се смета дека во пејџерите биле скриени по три грама експлозив, без да бидат забележани со месеци пред експлозиите. Р.С.