Силна експлозија што се случи денеска во продавница за огномет во кинеската покраина Хубеи резултираше со 12 загинати, јавија државните медиуми. Ова е втор ваков трагичен инцидент во периодот на прославите на Кинеската Нова година.
Според информациите, противпожарните и спасувачките служби успеале да го стават под контрола пожарот во продавницата за огномет во градот Сјангјанг. Причините за експлозијата засега не се познати и се предмет на истрага, пренесуваат кинеските медиуми.
Огнометот традиционално масовно се користи за време на прославата на Лунарната Нова година во Кина, но токму неговата употреба честопати доведува до сериозни несреќи.
Во одделен случај што се случил во неделата, во продавница за огномет во источната покраина Џангсу загинале осум лица, додека две лица биле повредени.
Според соопштението на властите, во тој случај едно лице запалило огномет во непосредна близина на продавницата.
Министерството за вонредни ситуации вчера упати предупредување за внимателност при користење огномет, истакнувајќи дека тие претставуваат „најголем ризик“ за време на празничните прослави.
































