Состојбите во Украина низ диоптријата на западните медиуми
Џек Ватлинг од Кралскиот институт за „Економист“ посочува низа проблеми што ја попречуваат одбраната на Украина, почнувајќи од недостигот на противвоздушна одбрана, која им овозможува на руските извидувачки беспилотни летала да следат, па до намалената достапност на муниција, гранати и оклопно оружје.
– Русија во моментов има предност два спрема еден во артилерискиот оган – изјави Иван Хавриљук, заменик-министер за одбрана на Украина.
Овие околности дополнително ја принудуваат украинската армија да се потпре на пешадија, што го зголемува бројот на жртви.
„Економист“ пишува дека на фронтот во Донбас, руските сили постигнаа напредок во неколку клучни точки, вклучувајќи ги регионите Купијанск и Часив Јар, додека во јужните области се приближуваат кон Курахово.
За Украина, се вели во анализата на „Економист“, „предизвикот лежи во постојаното намалување на воениот персонал, и покрај новите закони за мобилизација што не успеваат да привлечат доволен број млади регрути“!
Според реномираниот медиум, „на Запад расте стравот дека Украина, под овие услови, би можела да биде првата што ќе ја достигне пресвртната точка. Пентагон сега ги има во преден план зачувувањето на украинската одбрана и помалку амбициозните цели од оние претходните планови за позначаен воен напредок“.
Џим О’Брајан, највисокиот американски функционер за Европа, за „Економист“ ја сумираше актуелната ситуација за Украина, велејќи дека „следните неколку месеци се можност да се потврди дека Украина може да опстане на бојното поле во годините што доаѓаат“. Р.С.
Киев разочаран од западните сојузници
Њујорк тајмс“, повикувајќи се на свои заштитени, но релевантни извори, тврди дека ракетите „томахавк“ се суштината на украинската клаузула за распоредување на „ненуклеарен пакет за одвраќање“ во Украина
Украина доби само десет проценти од американската воена помош одобрена од Конгресот претходно годинава, предупреди украинскиот претседател Володимир Зеленски во видеото објавено пред два дена.
– Ти ја работиш својата работа. Сметате на резерви, сметате на специјални бригади, сметате на таква опрема. И тогаш добивате десет проценти од целиот пакет, веќе изгласан… тоа не е смешно – наведе украинскиот претседател Володимир Зеленски преку Телеграм.
За потсетување, пакетот американска помош во износ од 61 милијарда долари, кој републиканците долго време (од декември минатата година) го блокираа во Конгресот, беше одобрен во април, но испораката оди многу бавно и селективно.
Зеленски додаде дека бавната испорака на оружје не е прашање на финансирање.
– Секогаш е прашање на бирократија или логистика, идеи или скептицизам… Ова ќе ви го дадеме, ова не – рече тој.
Зеленски додаде дека членките на НАТО се обврзале да ѝ достават шест или седум системи за противвоздушна одбрана на Украина до почетокот на септември. Украина сѐ повеќе се потпира на овие системи за да ги одбие руските напади од долг дострел, но Киев сè уште не ги добил.
Ракетите „томахавк“ дел од строго доверливиот план на Зеленски предложен на САД
Во јавноста деновиве „протече“ дел од т.н. План за победа на Зеленски.
Имено, Киев во тајниот дел на планот барал од Вашингтон ракети „томахавк“ што можат да погодат цел на оддалеченост од 2.400 километри. Ова го пишува „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на свои доверливи, но проверени извори, со тврдење дека тоа е суштината на клаузулата за распоредувањето на „ненуклеарниот пакет за одвраќање“ во Украина.
„Томахавк“ е серија на американски супсонични крстосувачки ракети
Името на студеното оружје на домородните Американци, Индијанците, секирата наречена „томахавк“, е име и на убиствените крстосувачки ракети во чија деструктивна моќ се уверија и Србите во времето на агресијата на НАТО во 1999 година. Имено, стотици од нив беа лансирани од Јадранско Море, стрелани во Србија.
„Томахавк“ е серија на американски супсонични крстосувачки ракети, што се приспособени да бидат ефикасни и на стратегиско и на тактичко ниво. Ова оружје има голем дострел и може да лета на екстремно мали надморски височини, ефикасно избегнувајќи терен и средби со проектили за пресретнување.
Зеленски за јавноста веќе го потврди барањето за ракети „томахавк“, но беше непријатно изненаден од „одливот“ на информации во медиумите во врска со неговиот строго доверлив План за победа, претставен во најголема тајност пред официјален Вашингтон.
– Барањето на Украина за овие ракети беше еден од тајните делови на победничкиот план. „Протекувањето“ на оваа информација значи само дека ништо не е доверливо меѓу партнерите – велат упатените.
Пет главни точки и три тајни анекси на Планот за победа на Зеленски
Зеленски на 16 октомври говореше пред Врховната Рада, каде што го претстави планот за постигнување победа во војната со Руската Федерација (РФ). Документот вклучува пет главни точки и три тајни анекси, чија содржина сепак не е во целост обелоденета јавно.
– Зеленски би можел да го искористи својот остар говор – вклучувајќи го и неговото неодамнешно обраќање во парламентот – за да им покаже на Украинците дека направил сѐ што може да ги подготви за можноста Украина да мора да склучи договор и да им објасни на Украинците кој е виновен – Западот, секако – пишува „Њујорк тајмс“.
Американски извори, исто така, велат дека Украина не презентирала убедливи аргументи во врска со употребата на оружје со долг дострел. Списокот на цели на руска територија далеку го надминува бројот на ракети што САД или кој било друг сојузник би можеле да ги испорачаат.
Во исто време Зеленски „се зачуди“, според „Њујорк тајмс“, што Киев никогаш не добил дозвола за планот „далечен дострел“.
Зеленски „се обидува да најде рамнотежа помеѓу политичкиот притисок внатре во земјата и промената на ситуацијата во странство“. Анкетите покажуваат дека мнозинството Украинци сè уште не поддржуваат откажување од територијата, но Западот не обезбедува доволно оружје за да ги ослободи.
Аналитичарите сметаат дека иднината на војната во голема мера ќе биде одредена од претстојните избори во САД.
„Њујорк тајмс“ пишува и за незадоволството од висината на помошта од Западот кај обичните Украинци и војската.
– Наскоро, можеби, нема да има кој да го употреби оружјето што ни го даваат, бидејќи сè што сакаат нашите западни партнери е да се бориме до последниот Украинец – изјавил за медиумот доброволецот Евгениј Тузов.
Според него, Западот сака да ја ослабне, но не и да ја победи Руската Федерација.
Операторот на беспилотни летала во 57-та бригада, повик Фрегат, изрази желба линијата на фронтот да биде замрзната „затоа што Украинците не можат да ги победат Русите со лопати и митралези“. Тој ги обвини Европа и другите земји дека не обезбедиле попрецизно оружје.
Ваквите обвинувања ретко се слушаа во првата година од војната, а критиките почнаа да добиваат замав по доцнењето на воената помош.
Институтот за светска економија „Кил“ има анализа во која се тврди дека Европа и САД веќе потрошиле околу 220 милијарди долари за помош и воена опрема за Украина.
Стабилноста на украинскиот електроенергетски систем под знак прашалник
„Украинска правда“: Украинските граѓани да се подготват за можна сурова зима
Украинскиот преносен систем оператор (ТСО) „Укренерго“ сѐ уште стои на тврдењето дека е можеби мала веројатноста од тотална „катастрофа“ во следните неколку месеци, но ги предупреди жителите на Украина да се подготват за „можна сурова зима откако Русија уништи половина од капацитетот за греење и производство на електрична енергија во земјата“, објави „Украинска правда“.
Главниот извршен директор на „Укренерго“, Володимир Кудрицки, со доза енергетски оптимизам
Главниот извршен директор на компанијата Володимир Кудрицки ја потврди оваа лоша состојба во интервју за „Би-би-си“. Но тој исто така оптимистички изјави дека е „уверен дека нема да дозволат да се случи катастрофа“.
– Транспортната мрежа „Укренерго“ е многу подобро подготвена за зимата 2024-2025 година споредено со 2022-2023 година – рече Кудрицки, истакнувајќи го напредокот постигнат во заштитата и подготовката на мрежата од претходните зими.
Неодамнешниот руски напад во голема мера беше насочен кон она што остана од моќните енергетски средства на Украина. Претходно бранот на такви напади што започна во март, кога Украина остана без муниција за противвоздушна одбрана, оштети или уништи 90 отсто од ненуклеарните централи во Украина, што претставува околу половина од вкупниот инсталиран капацитет. Вкупната инсталирана моќност на Украина беше 58,2 гигавати во 2021 година, од кои фосилните горива учествуваа со 28,6 гигавати, обновливите извори на енергија со 14,5 гигавати и нуклеарната енергија со 13,1 гигавати.
Светската банка не се согласува целосно со процената на државната енергетска компанија на Украина и рече дека ќе бидат потребни најмалку две години за да се санира штетата, осудувајќи ја Украина на студена и темна зима годинава.
Украина беше поврзана со Европската мрежа на преносни системи за електрична енергија само еден ден пред рускиот напад!?
Интересно, Украина беше поврзана со Европската мрежа на преносни системи за електрична енергија (ЕНТСО-Е) еден ден пред т.н. „руска специјална операција“ на 24 февруари 2022 година. Кудрицки додаде забелешка на претпазливост, признавајќи дека претстојната зима ќе биде многу тешка.
– Може да има тешкотии. Ние исто така треба да бидеме искрени за тоа. Следната зима дефинитивно нема да биде лесно возење – призна тој.
Европа стравува дека може да дојде до втор бегалски бран што ја напушта Украина доколку состојбата со електричната енергија не се подобри со првиот снег.
– Сите 9 GW електрична енергија изгубени поради руските ракетни напади не можат да бидат целосно обновени до зимата – рече Кудрицки.
Овој недостиг значи дека Украина ќе мора да се справи со намаленото снабдување со енергија, особено ако се спореди со ситуацијата на почетокот на 2024 година.