Кинески модел на одржливост со рамнотежа помеѓу економскиот раст и еколошката одговорност
- Концептот на еколошка цивилизација воспоставен во Кина, во суштина претставува идеја за редефинирање на односот меѓу економијата и зачувувањето на животната средина. Притоа, наместо раст по секоја цена, кинескиот модел промовира рамнотежа помеѓу економскиот напредок што истовремено подразбира и заштита на природата
Во време кога економскиот развој, политиката и предизвиците за зачувување на животната средина сè повеќе се испреплетуваат, Кина настојува да понуди поинаков модел на модернизација наречен „еколошка цивилизација“. Овој концепт претставува спој на традиционални филозофски идеи со современи политики и се позиционира како алтернатива во однос на традиционалниот индустриски развој.
Еколошката цивилизација во суштина претставува идеја за редефинирање на односот меѓу економијата и зачувувањето на животната средина. Притоа, наместо раст по секоја цена, кинескиот модел промовира рамнотежа помеѓу економскиот напредок што истовремено подразбира и заштита на природата.
Од слоган до стратегија за развој
Корените на концептот се поврзани со мислата на кинескиот претседател Си Џинпинг, кој своевремено наведе дека „бистрите води и бујните планини се непроценливи средства“, за време на посета во округот Анџи во покраината Џеџијанг, на 15 август 2005 година, како тогашен секретар на покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Кина во Џеџијанг.
На овој начин беше означен почеток на ново поглавје во стремежот на Кина кон еколошка заштита и зелен развој, поставувајќи го зачувувањето на природата како економска вредност, а не како ресурс за неконтролирана експлоатација. Со текот на времето идејата прерасна во целосна стратегија за развој која претседателот Си Џинпинг активно ја промовираше во повеќе прилики и на меѓународен план. Овој пристап е формално вграден во државната политика, како и во уставот на Кина од 2018 година, што укажува на важноста што му се придава.
На годинашното издание на „Двете сесии“ беше ставен акцент на еколошката цивилизација со изготвување на унифициран кодекс за животна средина, вградување на зелениот развој во 15-тиот петгодишен план, како и преку промовирање на раст со ниски јаглеродни емисии и заштита на екосистемот. Воведувањето на првиот еколошки кодекс на Кина претставува еден од глобално најамбициозните обиди за намалување на јазот помеѓу индустрискиот развој и зачувувањето на природата.
Кина вложува значителни средства во обновливи извори на енергија и веќе се наоѓа меѓу водечките земји во светот во производството на соларни панели и ветерни турбини. Паралелно, земјата го забрзува преминот кон електрични возила, што има за цел да го намали загадувањето во урбаните средини. Преку иницијативата „Појас и пат“, на пример, Кина спроведува зелени проекти за да ги сподели своите пристапи, технологии и искуства во практикувањето на концептот.
Промените не се ограничени само на индустријата. Урбаното планирање исто така се менува – се инвестира во јавен превоз, зелени површини и поефикасни градски решенија. Истовремено, големи проекти за пошумување и еколошка реставрација имаат за цел да го подобрат квалитетот на воздухот и да ги стабилизираат локалните екосистеми.
Клучна новина е и начинот на управување. Локалните власти сè повеќе се оценуваат според еколошките резултати, а не само според економскиот раст. Оваа промена резултираше со засилено спроведување на законите и доведе до постабилна политика во областа на животната средина.
Еколошката цивилизација има и економска димензија. Развојот на „зелени“ индустрии, како екоземјоделството и екотуризмот, придонесе за намалување на сиромаштијата, особено во руралните области. На овој начин, Кина се обидува да покаже дека економскиот развој и заштитата на животната средина не се спротивставени цели.
Промоција на моделот преку економска соработка и споделување технологии
На глобално ниво, Пекинг активно го промовира овој модел. Преку иницијативи како „Појас и пат“, Кина инвестира во енергетски и инфраструктурни проекти во други земји, сè почесто со акцент на обновливите извори на енергија. Воедно, земјата се обврза да го достигне врвот на емисиите на јаглерод пред 2030 година и да стане јаглеродно неутрална до 2060 година. Влијанието на еколошката цивилизација надвор од Кина се шири преку економска соработка, споделување технологии и дипломатски иницијативи. Овој процес се одвива постепено и често зависи од локалните услови во земјите-партнери.
Во Македонија еколошките политики се главно усогласени со Европската Унија, но, кинеското присуство се чувствува преку инфраструктурни проекти и економски врски кои можат индиректно да придонесат за подобрување на енергетската ефикасност и за модернизација на општеството. Во земјоделството и енергетиката постои особен потенцијал за примена на нови технологии преку меѓудржавната соработка.
Особено важен сегмент во рамки на еколошката цивилизација е борбата против загадувањето на воздухот која е актуелна и во Македонија. Денес, квалитетот на воздухот е поставен како клучен индикатор за успехот на политиките поврзани со овој модел, а кинеската влада воведе построги стандарди за емисии и засилени контроли врз индустриите. Овие мерки, според официјалните податоци, доведоа до забележително намалување на загадувањето во повеќе урбани центри.
Визија за глобален просперитет
Пошироко гледано, Кина се обидува да се позиционира како глобален лидер во справувањето со климатските предизвици. Нејзиниот модел комбинира долгорочно планирање и големи инвестиции во модерна технологија. Ова го прави различен од западните пристапи кои често се потпираат во поголема мера на пазарни механизми.
Наспроти предизвиците, намалувањето на загадувањето, експанзијата на користење обновливи извори на енергија и развојот на нови индустрии покажуваат дека моделот има реални ефекти.
Еколошката цивилизација, во таа смисла, не е политички слоган, туку рамка што ги обликува економската и еколошката политика на Кина. Нејзина цел е да се воспостави систем во кој одржливоста е заемна со понатамошниот развој.
Кинеските иницијативи за еколошка цивилизација што опфаќаат зелени градови и екоиндустрии, проекти за обновлива енергија и технологија за мониторинг на животната средина, покажуваат дека иновацијата, локалната соработка и стратешкото планирање можат да создадат остварливи модели на одржлив раст.
За светската јавност, овие информации претставуваат показател како заедничките напори и интегрирани стратегии можат да обезбедат просперитет, чиста енергија и зачувување на природата. Овие искуства затоа нудат инспирација и конкретни решенија што можат да се прилагодат и во други земји, покажувајќи дека еколошката цивилизација не е само национална политика, туку дека може да биде и светски патоказ кон одржлива иднина.
































