Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во едно обраќање пред европратениците пред летните одмори рече дека секогаш ќе биде подготвена да соработува и да изнаоѓа заеднички решенија со проевропските и продемократските сили во Европскиот парламент, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.
Изјавата на Пињо беше одговор на новинарско прашање за тоа каков е ставот на Европската комисија и пред се на Фон дер Лајен, за тоа што вчера Европскиот парламент усвои мерки од пакетот за поедноставување со поддршка на „ново мнозинство“ на пратениците од Европската народна партија и од партиите на десницата и екстремната десница, а не од т.н. „проевропско мнозинство“ на центарот.
– Тоа е еден случај, а јас можам да ви посочам друг случај, исто така до вчера во Европскиот парламент, за усвојувањето на климатските цели за 2040 година од страна на сите продемократски и проевропски сили, што ние го поздравуваме- додаде Пињо.
На дополнително прашање дали ова значи дека ЕК сугерира оти во Европскиот парламент постојат две мнозинства, Пињо не даде конкретен одговор, туку само повтори дека Комисијата е „многу задоволна“ што „предизвикувачкиот предлог“ за климатските цели за 2040 година доби поддршка од центристичките, проевропските и продемократските сили во Европскиот парламент.
Европскиот парламент во четртокот со 382 гласа „за“, 249 „против“ и 13 „воздржани“, го поддржа предлогот за значајни намалувања на обврските на компаниите во однос на еколошките правила. За предлогот гласаа пратениците на ЕПП и на трите десничарски групи, но не и Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), либерлната Да ја обвовиме Европа (РЕ) и Зелените.
ЕПП, социјалдемократите и либералите, со поддшка на зелените, го сочинуваат т.н. „проевропско мнозинство“ на центарот.


































