Вештачката интелигенција е од суштинска важност во напорите за изградба на поконкурентна, безбедна и технолошки суверена на Европа, па од тие парични Европската комисија денеска усвои Акциски план за континент на вештачката интелигенција, соопшти извршната потпретседателка на ЕК за технички суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен.
– Глобалната трка за вештачката интелигенција е далеку од завршена. Сега е време да се дејствува. Овој Акциски план ги истакнува клучните области каде што треба да се интензивираат напорите за да се направи Европа водечки континент за вештачката интелигенција – нагласи Виркунен на прес-конференција на која го промовираше усвоениот Акциски план.
Виркунен посочи дека Европската комисија работи на креирање на иднина каде што технолошките иновации ќе ги придвижат индустријата и јавните услуги, носејќи конкретни придобивки за граѓани и бизниси на ЕУ, преку создавање на „доверлива вештачка интелигенција“.
– Тоа ќе значи посилна економија, иновации во здравството, нови работни места, зголемена продуктивност, подобар транспорт и образование, посилна заштита од кибер закани и поддршка во справувањето со климатските промени – додаде Виркунен.
Целта на оваа амбициозна иницијатива е Европа да стане глобален лидер во вештачката интелигенција, преку трансформација на традиционални европски индустрии и на исклучителниот европски фонд на таленти во моќни двигатели на иновации и за забрзување на користењето на вештачката интелигенција.
Се очекува овој Акциски план да ги зајакне капацитетите на ЕУ за креирање на иновативна вештачка интелигенција преку активности и политики насочени кон изградба на големи центри на податоци и компјутерска инфраструктура, зајакнувањето на иновативните проекти со вештачка интелигенција, развој на алгоритми и поттикнување на нејзиното користење во стратешките сектори, зголемување на вештините за примена на вештачката интелигенција и преку регулаторно поедноставување.
Со денешното усвојување на Акцискиот план, Европската комисија го започнува процесот на јавни консултации со сите заинтересирани страни за Законот за развој на облак и вештачка интелигенција и за идентификување на приоритетите за примена на вештачка интелигенција и на предизвиците поврзани со неа.
Консултациите ќе траат до 4 јуни годинава и заклучоците од нив ќе се искористат за понатамошно обликување на иницијативи поврзани со Акцискиот план за континент на вештачката интелигенција.
За во мај е предвиден старт и на трета јавна консултација за Стратегијата на ЕУ за податоци, а паралелно Европската комисија ќе организира и дијалози со претставниците на индустријата и јавниот сектор за обликувањето на Стратегијата за примена на вештачката интелигенција.
– Овие дијалози, заедно со јавните консултации, ќе идентификуваат релевантни примери на неискористен потенцијал во усвојувањето на технологии со вештачка интелигенција во одредени сектори, нивната интеграција во деловните и производствените процеси и можностите за нивна поголема примена во рамките на овие сектори и пошироката економија – посочи ЕК.
Европскиот Закон за вештачка интелигенција стапи во сила лани на 1 август, а на 4 февруари годинава ЕК објави Упатства за забранети практики поврзани со вештачката интелигенција. Кон крајот на јануари започна и примената на пакетот мерки за поддршка на европските старт-апи и мали и средни претпријатија во развојот на доверлива вештачка интелигенција.
ЕК досега избра седум конзорциуми кои работат на формирање на „фабрики за вештачка интелигенција“.