Европската комисија предложи зголемување на таксата за дозвола за безвизно патување во ЕУ за странци од 7 на 20 евра поради инфлацијата, соопшти Комисијата. Цената на таксата не е променета од 2018 година.
Дозволата за безвизно патување важи три години и се плаќа еднократно. Комисијата истакнува дека предлогот е усогласен со таксите што ги наплатуваат САД (21 долар за две години) и Обединетото Кралство (16 фунти за две години). Патниците под 18 години или над 70 години ќе бидат ослободени од плаќање, како и членовите на семејствата на граѓани на ЕУ или странци со право на престој во Унијата.
Предлогот на Комисијата подлежи на одобрување од Советот на ЕУ и Европскиот парламент во рок од четири месеци и ќе стапи во сила истовремено со системот за електронска проверка на надворешните граници, што се очекува да се случи до крајот на 2026 година.
За добивање на дозвола, странците ослободени од виза ќе треба да ја платат таксата и да пополнат онлајн формулари со податоци за нивните имиња, датум на раѓање и број на патниот документ. Одлуките по барањата за патување ќе се носат за неколку минути – додава Комисијата.